Војник застрела напаѓач пред Лувр
3 февруари 2017По нападот со мачета пред светски познатиот музеј Лувр во Париз, Државното обвинителство започна истрага поради сомневање дека станува збор за терористичко дело.
Француската влада смета дека напаѓачот имал терористички побуди, како што изјави францускиот премиер Бернар Казенев.
Маж вооружен со мачета денеска претпладне нападнал воена патрола, извикувајќи „Алаху акбар“ (господ е голем), по што еден од војниците отворил оган и тешко го ранил напаѓачот во стомакот, соопшти полицискиот префект Мишел Кадо. Друг војник е полесно повреден. Напаѓачот носел два ранци, но во нив не е пронајден експлозив, иако не се исклучува тој кај себе да имал и второ оружје.
Настанот се случил на скали кои од плоштад покрај Лувр водат кон подземен трговски центар.
Музејот, кој секоја година го посетуваат милиони луѓе од цел свет, поради инцидентот е привремено затворен. Посетителите кои се нашле во музејот, морале да останат внатре, соопшти претставник на музејската управа.
Франција во изминатите две години повеќепати беше цел на терористички напади, поради што во земјата сѐ уште владее вонредна состојба, а пред многу објекти, меѓу кои и туристичките атракции, патролираат војници.