1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Доживотен затвор за убиецот на новинарката Ким Вал

ЖА
25 април 2018

Данскиот пронаоѓач Петер Мадсен е осуден на доживотен затвор поради бруталното убиство на новинарката Ким Вал.

https://p.dw.com/p/2wdpG
Peter Madsen Konstrukteur
Фотографија: Imago

Судот смета дека постојат доволно докази дека данскиот пронаоѓач Петер Мадсен на својата подморница „Наутилиус“ сексуално ја злоупотребил, ја измачувал, убил и потоа  го искасапил телото на 30-годишната Ким Вал.  Потоа тој деловите од телото ги фрлил во море. Одлуката на судот е донесена едногласно.

Доживотна казна затвор во Данска значи во просек околу 15 години зад решетки. По 12 години е дозволено до кралицата да се испрати молба за помилување. Само мал број затвореници остануваат во затвор до крајот на својот живот.

Младата новинарка Ким Вал на 10. август 2017. година била на подморницата на данскиот познат пронаоѓач Петер Мадсен за да направи интервју со него, при што испловиле во морски теснец меѓу Шведска и Данска. Ноќта нејзиниот пријател го пријавил нејзиното исчезнување. Следниот ден подморницата испливала на површина, но потоа пак нурнала под вода. Спасувачите го извадиле само Мадсен од морето. Делови од телото на Ким Вал, главата, торзото и на крајот рацете и нозете беа пронајдени во идните денови и недели во водата.

Мадсен до крајот на процесот тврдеше дека е невин и дека не ја убил намерно новинарката. Но, пред судот излегуваа на виделина сѐ погрозни детали, меѓу другото видеа од обезглавување и егзекуции, зачувани на компјутерот на Мадсен. Тој, според сведоците, бил фасциниран од смртта и фантазирал за перфектно убиство.