1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставка на Виктор Понта - одамна очекувана

ЖА/дпа/дв/рш/ртре4 ноември 2015

По масовни протести, романскиот премиер Виктор Понта најави оставка по пожарот во ноќен клуб во Букурешт кога загинаа 32 лица. Демонстрантите причина за несреќата гледаат во распространетата корупција во земјата.

https://p.dw.com/p/1GzU6
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Ghement

Понта, чиј мандат всушност трае до 2016 година, долго е под силен политички притисок. Со месеци луѓето преку протести бараат негова оставка, сомничејќи го за перење пари, измама и помош во даночно затајување.

На меѓународниот паркет веќе одамна многумина го избегнуваа Виктор Понта поради неговите проблеми со судството. Наместо него на самитите на ЕУ во Брисел патуваше претседателот на државата, Клаус Јоханис. Неодамна делегација на Бундестагот при престојот во Букурешт демонстративно одби средба со Понта. Нему му останаа само контактите со рускиот претседател Владимир Путин, шефот на турската држава Реџеп Таип Ердоган и неговите колеги по функција од Балкан. 43-годишниот социјалдемократ од 21. септември мора да одговара пред суд поради обвинение за корупција. Понта му помогнал на партиски пријател во затајувањето данок. Без оглед на повеќемесечниот јавен притисок, тој упорно одбиваше да се повлече од функцијата.

Rumänien Anhörung Ministerpräsident Victor Ponta wegen Korruption
Понта со месеци е на мета на критики поради корупцијаФотографија: picture-alliance/dpa/O. Ganea

Својата политичка кариера Виктор Понта првенствено му ја должи на поранешниот романски претседател Адриан Настасе (2000-2004) кој самиот двапати беше осуден на затворски казни поради корупција. Понта исто така долго ги негираше префрлувањата за плагијат, подигнати во 2012 година, за во 2014. година сепак да се откаже од својата докторска титула.

Оставката на Понта е задоцнета

Германскиот пратеник од Христијанско-социјалната унија во Бундестагот, Бернд Фабрициус, роден во Романија, кој истовремено е и заменик-претседател на германско-романската парламентарна група, во врска со оставката на Понта истакнува:

„Оставката на романскиот премиер требаше да се случи одамна. Трагедијата во која загинаа 32 лица е наводен повод за овој одамна неопходен чекор, делува неубедително. Понта го инструментализира оправданиот протест на романскиот народ по повод оваа трагедија во диско-клубот од ресорот на одговорност на еден градоначалник и повторно ја пропушта шансата да преземе одговорност за со месеци очигледниот дебакл и да даде сигнали на функционирање на правна држава.

Обвинувањата за корупција, кои уште пред месеци стигнаа во фаза на истрага, во најголемиот дел од земјите во светот ќе водеа до оставка на премиерот. Неговото останување на функцијата премиер во една правна држава, посебно во членка на ЕУ, е недостоинствено. Тој покажа дека не може веродостојно да ги примени неопходните реформи за поголемо владеење на правото, иницирани од претседателот на Романија, Клаус Јоханис.

Сега е ослободен патот за нов почеток и да се надеваме, за нов премиер на Романија кој заедно со претседателот на државата ќе води веродостојба борба против корупцијата и за владеење на правна држава.“