1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романија: Се ближи ли „Понтегзит“?

Роберт Шварц/ Ж. Ацеска14 јули 2015

Откако романскиот премиер Виктор Понта е официјално обвинет за измама, затајување данок и перење пари, барањата за негова оставка стануваат се‘ погласни. Дел од неговиот имот е ставен под принудна управа.

https://p.dw.com/p/1FyFq
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Ganea

Додека Европа го слави избегнувањето на заканувачкиот „грекзит“, во Романија се‘ погласно се зборува за „Понтегзит“. Барањата за оставка на социјалистичкиот премиер Виктор Понта се зачестени. Прв, уште пред еден месец, се изјасни либерално-конзервативниот претседател на државата, Клаус Јоханис, во моментот кога против Понта почна истрагата поради корупција, која меѓутоа во Парламентот беше блокирана од мнозинството пратеници. Јоханес го обвини Понта за попречување на работата на судството и го повика да си даде оставка. Претседателот сега го повтори барањето.

Rumänien Misstrauensvotum Premierminister Victor Ponta
Пратениците застанаа зад ПонтаФотографија: picture-alliance/dpa/B. Cristel

Новата постапка против премиерот е поврзана со договорите за пружање правни совети, кои Понта, како соработник на адвокатската канцеларија на неговиот партиски пријател Дан Сова, пред осум години ги склучил со две државни енергетски претпријатија. Државното обвинителство штетата ја проценува на околу 800.000 евра. Понта издал вкупно 17 сметки, за кои не извршил никаква противуслуга. По извршена финансиска контрола, дополнително се направени извештаи, со цел да се оправдаат плаќањата.

Премиерот „привремено отсутен“

Но, оваа истрага не е единствената причина поради која дури и некои од приврзениците на Понта бараат негова оставка. Жестоки дискусии предизвика неговото речиси едномесечно отсуство. Откако на почетокот на јуни беа објавени обвинувањата против него, Понта ненајавено исчезна во Баку, каде како единствен премиер од ЕУ присуствуваше, заедно со рускиот претседател Владимир Путин и неговите турски и белоруски колега по функција, Реџеп Таип Ердоган и Александар Лукашенко, на отворањето на Европските игри. Од престолнината на Азербејџан потоа Понта одлета во Турција, за да се подложи на помала операција. Понта воопшто не го информираше претседателот Јоханис за овие патувања.

Кон крајот на минатата недела Понта се врати во Букурешт и ги запозна своите партиски другари дека го става во мирување претседателствувањето со Социјалдемократската партија, за да избегне да и‘ наштети.

Партијата (сѐ уште) стои зад Понта

Имиџот на премиерот Виктор Понта одамна е нагризан и во неговата сопствена Социјалдемократска партија, ПСД. Резултатот од работата на независна комисија, кој ги потврди обвинувањата за плагијат на неговиот докторски труд, тој прекутрупа го амортизира со назначување на нова комисија преку негов декрет, за потоа доброволно да се откаже од титулата. Во летото 2012 година Понта се впушти во противуставна политичка пресметка со тогашниот претседател Трајан Басеску, но доживеа пораз на суд. Во ноември 2014 година пак, Понта целосно изненадувачки загуби на претседателските избори против Клаус Јоханис.

Klaus Iohannis Präsident Rumäniens 12.11.2014
Претседателот Клаус Јоханис бара оставка од премиеротФотографија: AFP/Getty Images/R. Ghement

За поранешната министерка за правда и денешна европратеничка Моника Маковеј, останувањето на Понта на чело на владата е „акт на предавство и дискредитација на Романија“. Довербата на партнерските држави кон Романија се топи со секој ден во кој обвинетиот Понта останува на функцијата, вели Маковеј, која важи за еден од најсилните заговорници за независност на судството во Романија.

Партијата на Понта официјално се‘уште стои зад својот премиер. На почетокот на годината Понта се произнесе дека сака да остане на функцијата до парламентарните избори во ноември 2016 година. Судството ќе каже дали тоа ќе му успее.