1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повторно терор во Турција

СН/дв/ртр/дпа8 јуни 2016

Еден ден по смртоносниот бомбашки напад во Истанбул, автомобил-бомба експлодира денеска пред полициска станица во југоисточна Турција, однесувајќи три живота

https://p.dw.com/p/1J2QH
Фотографија: picture-alliance/dpa

Три лица, вклучително и еден полицаец, загинаа при експлозијата на автомобил бомба пред полициска станица во градот Мидјат во провинцијата Мардин, во североисточна Турција, изјави денеска турскиот премиер Бинали Јилдирим. Тој, повикувајќи се на болнички извори, им соопшти на новинарите дека во експлозијата се повредени повеќе од 30 лица, меѓу нив како полицајци така и цивили. Јилдирим говореше пред новинарите за време на посетата на лицата повредени во вчерашниот сличен напад во Истанбул.

Инаку, во експлозијата покрај зградата на полициската станица силно оштетени се и соседните објекти. Во регионот кој се наоѓа северно од границата со Сирија, живеат претежно Курди.

Погледнете го веб-видеото снимено непосредно по експлозијата во Мидјат:

Автомобил-бомба експлодира пред полициска станица во Турција

Исто како и по вчерашниот бомбашки напад врз повеќе полициски автобуси во Истанбул, во кој загинаа 11 луѓе, сѐ уште никој не ја презеде одговорноста. Слични вакви напади годинава ѝ се припишуваа на екстремистичката Курдска работничка партија - ПКК. Јилдирим денеска ја обвини ПКК и за двата последни напади и порача дека ќе стори сѐ го искорени тероризмот во Турција.

Турските безбедносни сили и курдските борци се вклучени во вооружен конфликт откако во минатата година пропадна примирјето и мировниот процес.

Во насилството главно фокусирано во југоистокот на Турција каде живеат претежно Курди, досега загинаа стотици луѓе, а некои извори говорат и за илјадници загинати.