1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел навредена како „предавник на народот“

Е.М.Фиданоска /дпа/ртр/кна/ард26 август 2015

Во Хајденау Ангела Меркел беше пречекана со свирежи и навреди од страна на стотици десничарски демонстранти. Канцеларката денеска го посети гратчето каде пред неколку дена имаше насилнички безредија поради бегалците.

https://p.dw.com/p/1GLom
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Во Германија со недели се дебатира за политиката кон бегалците. Сега, по зачестените расистички напади, канцеларката Ангела Меркел посети едно сместувалиште за бегалци. И тоа - првпат!

Во Хајденау таа беше пречекана со свирежи и извици „уа“ од страна на десничарските демонстранти. Кога Меркел стигна пред сместувалиштето за бегалци, демонстрантите скандираа „предавничка на народот“. На демонстрации преку социјалните мрежи повикаа десничарски групи.

Во Хајденау за време на изминатиот викенд имаше протести против сместување бегалци. На маргините на демонстрациите на десноекстремната НПД околу 600 екстремисти фрлаа врз полицијата со камења, шишиња и запалливи тела. Во безредијата беа повредени 31 полицајци, од кои еден тешко.

Тоа беше остро критикувано од страна на вицеканцеларот Зигмар Габриел (СПД), кој беше во посета на Хајденау во понеделникот. Габриел демoнстрантите ги нарече „џган“. При пристигнувањето на Меркел денеска повеќе стотици луѓе поради тоа извикуваа: „Ние сме џганот“.

Канцеларката го осуди насилството против бегалците и рече: „Нема толеранција за оние кои го доведуваат во прашање достоинството на човекот“. Протестите против барателите на азил Меркел ги оцени како засрамувачки и одвратни. Според германските закони секој човек кој е политички прогонуван или кој морал да бега од граѓанска војна има право на фер третман, на постапка за добивање азил или на признание на статусот бегалец од граѓанска војна. Човечкото и достоинствено постапување со секој поединец е нешто што се подразбира само по себе во Германија, нагласи Меркел. Таа му се заблагодари на градоначалникот на Хајденау Јирген Опиц за неговите јасни зборови против расистичките безредија: „Им благодарам на оние кои на лице место ја поднесуваат омразата. Тоа не е едноставно“, подвлече Меркел.

Канцеларката додаде дека е горда на „структурата на хуманитарните организации кои ги има во Германија“. Таа истовремено рече дека „предизвикот е огромен“ и дека е потребно „многу сила“ за справување со него. Германската влада, инаку, претпладнево донесе закон за двојно зголемување на сојузната помош за покраините со цел подобро сместување и грижа за барателите на азил.