1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нападите врз бегалците се срам за Германија

К. Елзасер/бг25 август 2015

Прифатилиштата за бегалците се сѐ почеста мета на десните радикали во Германија. Политичарите ги осудија нападите и ги посетија бегалските центри

https://p.dw.com/p/1GLBl
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Burgi

Омразата ја потресе земјата, и ја посрамоти. На викендот, две ноќи по ред кон прифатилиштето во Хајденау летаа шишиња и камења. Десетина полицајци кои им се спротивставија на десните екстремисти беа повредени. Ноќта од неделата кон понеделникот беше првата без поголеми насилства.

Во неделата владееше тензичен мир. Под полициска заштита доаѓаа нови бегалци. А ќе следуваат и други. Политиката е алармирана поради обемот на насилството. Сака да ја преземе состојбата под контрола. Безбедносна зона треба да им пружи заштита на бегалците. Но ксенофобичната атмосфера останува. Премиерот на Саксонија апелира до сограѓаните:

„Очекувам дека сите луѓе во Саксонија ќе прифатат дека овие луѓе бараат спас кај нас. Не знаеме колку ќе дојдат. Само знаеме дека кога ќе дојдат тука, треба да им се помогне. Тоа е пред сѐ наша човечка должност. Тоа се луѓе“, изјави Станислав Тилих, премиер на Саксонија.

Деталите погледнете ги во видеото:

Нападите врз бегалците се срам за Германија

Прифатилиштето, поранешен маркет во кој се поставени кревети, се наоѓа на автопат без соседи. Следните куќи се оддалечени половина километар. И покрај тоа, многу граѓани се вознемирени поради доаѓањето на бегалците. Тоа е регион каде десните партии секогаш жнеат политички успеси.

По преживеаните војни, прогон и честопати повеќемесечно бегство, бегалците пристигнуваат во едно место кое не може, или не сака, да ги исполни нивните надежи за безбедност и мир. Бројни политичари бараат од канцеларката Меркел да реагира.

„Очекувам од сојузната канцеларка јасни зборови. Очекувам од неа да појде во прифатилиштата, во сместувачките центри во оваа земја. Да разговара со луѓето, да види каква е состојбата, и да дознае каква е судбината на овие луѓе“, вели Катрин Геринг-Екхарт, шеф на пратеничката група на Зелените.

Канцеларката излезе во јавност во понеделникот попладне и ги осуди инцидентите во Хајденау и на други места. Некои граѓани, кои се собраа пред привременото сместувалиште, дојдоа да покажат дека бегалците за нив се добредојдени. И вицеканцеларот Зигмар Габриел го посети центарот.