1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е одговорен за скандалот со диоксин?

5 јануари 2011

Недозволени количeства диоксин се пронајдени во јајца и храна за животни во Германија. Обвинителството отвори истражна постапка, а владата размислува за можните последици од скандалот. Во дебатата се вклучи и ЕУ.

https://p.dw.com/p/zthG
Фотографија: Picture-Alliance/dpa

Европската комисија побара од Германија информации дали затруени јајца или месни производи завршиле во супермаркетите во останатите земји-членки на ЕУ. Во меѓувреме, германската влада размислува за построги правила при производството на сточна храна. „Се поставува прашањето, дали не е преголем ризикот ако една фирма, што ги снабдува производителите на сточна храна со соодветните состојки, истовремено смее да произведува и производи за техничка употреба, кои во никој случај не смеат да завршат во храната за животни“, истакна министерката за заштита на потрошувачите Илзе Ајгнер во интервју за весникот „Берлинер цајтунг.“

Deutschland Lebensmittel Ermittlungsverfahren gegen Futtermittel-Produzenten eingeleitet
Компанијата „Харлс и Јенч“ при производството на добиточна храна користела масти, кои остануваат како отпадок при производството на био-дизел горивоФотографија: dapd

Министерката Ајгнер упати остри критики кон одговорните за заразувањето на голем број јајца и мисиркино и свинско месо. Нивните изговори таа ги нарече „неверодостојни“ и го поздрави напорите на државното обвинителство за што поскоро расветлување на случајот. Ралф Депер, државниот обвинител на покраината Шлезвиг Холштајн, каде е сместена фирмата што ја произведувала спорната сточна храна, истакна:

„Собравме доволно докази за отворање кривична постапка колку што е можно поскоро. Во постојан контакт сме со државната лабораторија, каде се вршат испитувањата на заразената храна.“

Намера или грешка?

Станува збор за компанијата „Харлс и Јенч“ од Шлезвиг Холштајн, која при производството на добиточна храна користела масти, кои остануваат како отпадок при производството на био-дизел гориво. Дали одговорните во фирмата свесно ги употребувале отровните состојки, или, пак, се работи за грешка - се` уште не се знае, исто како што не се знае точниот извор на диоксинот. Вмешаните во скандалот си ја префрлаат меѓусебно одговорноста. Диоксинот може да предизвика рак кај луѓето.

Dioxin-Skandal 04.01.2011
Интензивно се вршат испитувања на заразената хранаФотографија: dapd

Само во Долна Саксонија, во меѓувреме, се затворени над илјада фарми, во покраината Северна Рајна Вестфалија, пак, 140. Погодени се фарми со кокошки-несилки, како и фарми за производство на мисиркино и свинско месо. Досега се уништени илјадници кокошки.

Автор: ТТ/ЕМФ/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска