1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ги хранеле животните со затруена храна

4 јануари 2011

Поради најновиот скандал со користење сточна храна затруена со диоксин во повеќе фарми во неколку германски покраини, само во Долна Саксонија се затворени околу илјада. За потрошувачите засега наводно нема опасност.

https://p.dw.com/p/ztLT
Повторно диоксин во храната за живинаФотографија: dapd

Германскиот парламент, Бундестагот, ќе расправа за можните консеквенци од најновиот скандал со користење сточна храна заразена со диоксин во повеќе фарми во неколку германски покраини. „Мораме да се зафатиме со ова, вклучен е алармот“, изјави претседателот на Комисијата на Бундестагот за исхрана, земјоделство и заштита на потрошувачите, Ханс-Михаел Голдман. Седницата е најавена за идната недела.

Јасно е од каде доаѓа диоксинот

Deutschland Labor Lebensmittel Dioxin Untersuchung
Испитување во лабораторија за присуство на диоксинФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Позната е причината за високата концентрација на диоксинот во германската сточна храна: при производството на храната за живина и свињи биле употребувани остатоци од масти од производството на био-гориво. Претпријатието „Харлес и Јенч“ од покраината Шлезвих-Холштајн за производство за сточна храна со години од холандска фирма купувало технички масти, кои се остаток при производството на био-дизел и масло од соја и маслена репка. Претставник на „Харлес и Јенч“ за весникот „Вестфален блат“ изјави дека тие верувале оти мастите се погодни за употреба во сточната храна.

Притоа, 527 тони од оваа сточна храна стигнале до фарми во германските покраини Долна Саксонија, Северна Рајна Вестфалија, Тирингија, Саксонија и Бранденбург. Надлежните служби во овие покраини вчера презеле драстични мерки заради ограничување на штетите за потрошувачите и на фармерите. Во Долна Саксонија се затворени околу илјада фарми за живина и свињи.

Портпаролот на министерството за земјоделство од оваа покраина, Герте Хане со образложение:

„Превентивно ги затворивме овие претпријатија, зашто постои сомневање, според листата на лиферанти на сточната храна, дека во неа се содржани штетните масти.“

Во Северна Рајна Вестфалија се уништени околу 8 илјади кокошки-несилки, кои добиле храна заразена со диоксин. Тој важи за можен предизвикувач на канцерогени заболувања. Се претпоставува дека во супермаркетите се испорачани околу 120 илјади јајца со висока концентрација на диоксин, од кои дел ќе бидат повлечени.

Потрошувачите не се загрозени?

BdT Ferkel Dresden
Заразена и храна за свињитеФотографија: AP

Сојузниот институт за проценка на ризикот засега не гледа непосредна опасност за потошувачите. Слична е оценката и на генералниот секретар на Здружението на германските фармери, Хелмут Борн:

„Вредностите кои се измерени не даваат повод за постоење опасност при конзумирањето на производите. Но, најважно е затворањето на претпријатијата и прекинот на испорачување на производите. Така секој потрошувач ќе може да биде сигурен дека веќе не е загрозен.“

Здружението на германските фармери побара произведувачот на затруената храна да плати за штетите. Обвинителството го испитува случајот.

Автор: ЖА/ТТ/дпа/афп/дв

Редактор: Трајче Тосев