1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клопчето почнува да се одмотува: сега судиите се на тест!

Катерина Блажевска12 февруари 2016

На потег се судиите. Сега кај нив е клучот да покажат дали ќе постапуваат независно и непристрасно, велат адвокати и поранешни судии по обелоденувањето на првиот случај за кој СЈО покрена истражна постапка.

https://p.dw.com/p/1HuWj
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Ова е голем ден. Ова е почеток на долгиот пат за градење правна држава. Клопчето почнува да се одмотува, а судиите се на тест...“ Вакви се првичните реакции откако Специјалното јавно обвинителство денеска соопшти дека е отворена истражна постапка под името „Титаник“ против повеќе лица за неколку кривични дела: злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување на изборен материјал и злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања. Против определени лица е предложена мерка притвор, поради основан страв дека ќе вршат влијание на сведоците и соучесниците, за што СЈО поднесло докази дека веќе се вршело такво влијание. СЈО побарало приведување на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, поради ризик да ја напушти државата бидејќи има и македонско и албанско државјанство. Утрово Темелко бил приведен во Ресен и е доведен на распит во Кривичниот суд во Скопје. Неговите адвокати - Ставре Џиков, Димитар Дангов и Никола Додевски, (од кои последниот е познат како адвокат на поранешниот премиер Никола Груевски), изјавиле дека за приведувањето на нивниот клиент дознале од медиумите.

„Ова e голем знак дека може да се подобри ситуацијата и дека конечно може да почнеме да градиме нормална држава“, вели поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов.

„Првите резултати покажуваат дека обвинителката Катица Јанева и нејзиниот тим работат компетентно, стручно и одговорно, и дека при вршењето на нивната работа не подлегнуваат на партиски кампањи. Затоа, поддршката што му се дава на Специјалното обвинителство треба уште повеќе да зајакне. И мислам дека од денеска на сите ќе им стане јасно колку е важна и драгоцена работата на Специјалното обвинителство за државата и нејзните граѓани. Очекувам неговата работа интензивно да продолжи“, вели Андов.

Функционерите на партијата кои индиректно беа осудени на прес-конференцијата на СЈО немаат сторено никакво кривично дело и тоа ќе го докажат во натамошната постапка, реагираa од ВМРО-ДПМНЕ. Од владејачката партија прес-конференцијата на Специјалното обвинителство ја оквалификуваа како „политички настап“, и го обвинија обвинителството дека е поврзано со СДСМ.

Од СДСМ соопштија дека Специјалното обвинителство е независна институција која работи согласно законите.

„Граѓаните очекуваат дека ќе се врати довербата во правосудниот систем во Република Македонија. Секој оној којшто ги прекршил Уставот и законите во Македонија мора да понесе одговорност“, велат од СДСМ.

СЈО соопшти дека е отворена истрага и против членови на општинската изборна комисија во Чаир, за кривично дело Изборна измама, како и против пет судии на Управниот суд во Скопје и четири членови на ДИК од 2013 година за кривично дело - злоупотреба на службената положба и овластување.

„Правдата ќе победи“

Специјалната обвинителка денеска пред јавноста соопшти од каде доаѓа поддршката до СЈО.

„Се чувствувам слободна и цврста, бидејќи на моја страна се Уставот, законите и вашата поддршка. Макар сите да молчат, јас нема да молчам. Сите ме охрабруваат да бидам храбра и исправено да стојам пред бурите што му се спротивставуваат на Специјалното јавно обвинителство уште од самиот почеток на неговата работа. Ме охрабрува и поддршката на меѓународната заедница. Поддршката е доказ дека нашата борба не е само наша, туку е и борба на целиот демократски свет. Правдата ќе победи, наспроти тешкотиите и заканите што доаѓаат од одредени политички партии и конструираните кривични пријави против мене и моите соработници“, рече Јанева. Очекува опструкциите да продолжат, но упати уверување до јавноста дека тие нема да имаат негативен ефект врз работата на СЈО. Притоа објасни дека во оваа фаза доминираат кривични дела против изборите, со цел во иднина да се спречат злоупотреби и нови кривични дела.

Драган Малиновски, адвокат и пораченешен член на Државната комисија за спречување криминал, вели дека постапката на СЈО за дела поврзани со изборни нерегуларности не е изненадувачка. Поважно е - како таа ќе биде дочекана.

„Сега е потребна конзистентност на целиот процес. По отворањето истрага и барањето притвор обвинителката не треба да биде изолирана, односно да не биде опструирана од судот. Судот треба да биде на висина на задачата и да ги спроведе стандардите што му ги наложува законот - објективно и независно да процени дали има опасност осомничените да влијаат врз сведоците, да ја попречуваат истрагата или да се дадат во бегство“, посочува Малиновски.

Судот би требало веднаш да ги сослуша осомничените и да донесе одлука по предлогот на СЈО.

Криминализација на изборите

Како што образложи денеска обвинителката Фатиме Фетаи, „во 2012 година, осомничените кои имале својства на министер за внатрешни работи, министер за транспорт и секретар на Владата, сите членови на извршен комитет на партија, заедно со други, засега непознати лица, искористувајќи го своето влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт (...) создале група која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето, дела за кои може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна“.

Mazedonien Anklage der Sonderstaatsanwältin Katica Janeva
Од денешната прес-конференција во СкопјеФотографија: DW/P. Stojanovski

Целта на групата била криминализација на изборите преку незаконско издавање лични карти и вметнување во Избирачкиот список на лица кои за тоа немаат основа. Во посочениот период споменатите министерски функции ги извршуваа Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески. До попладнево тие не беа изведени на распит пред Кривичниот суд.

Маргарита Цаца Николовска, поранешна македонска судијка во Судот во Стразбур, е задоволна што СЈО и покрај опструкциите и притисоците покажало подготвеност да постапува и работи врз основа на докази и прецизно да го презентира тоа.

„Особен впечаток ми остави извонредниот настап на обвинителките Ристоска и Фетаи, кои јасно, прецизно и со добар правнички јазик разбирлив за сите, ја образложија постапката. Клопчето почна да се одмотува. Се надевам дека судиите кои сега се на потег, ќе покажат голема независност и непристрасност, со силни аргументи, без разлика каква одлука ќе донесат. Кај нив е клучот. Судството долго време беше критикувано како зависно и контролирано, па сега тие ќе можат најдиректно да потврдат дали тие критики биле основани или не“, укажува Николовска.

Од СЈО денеска информираа дека се започнати предистражни постапки за предметот „Маѓар Телеком“, кој е побаран од Обвинителството за организиран криминал, како и за предметот „Надеж“, во кој е инволвиран поранешниот премиер и претседател Бранко Црвенковски.

А за да може СЈО поуспешно и на време да ги изврши поставените задачи, Јанева посочи дека се неопходни следните мерки: По итна постапка да се дополни Законот за заштитен сведок од гледиште на потребите на СЈО; Судските процеси пред редовните судови од надлежност на СЈО да му се предадат на СЈО без отпор и одоговлекување. Секој вид отпор ќе биде нотиран во Извештајот на СЈО што се изготвува на шест месеци и се доставува на увид на Собранието; Советот на jавните обвинители да се придржува стриктно за важечката законска регулатива и целосно да ја почитува автономијата на СЈО.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема