1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Специјална војна против Специјалното обвинителство

Катерина Блажевска 3 февруари 2016

Како што се ближи 24-ти април, се поголема ќе биде нервозата на структури кои ќе бидат под удар на надлежноста на Специјалното обвинителство и затоа ќе прават максимални напори да го амортизираат, оценуваат аналитичари.

https://p.dw.com/p/1HoPx
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Се остварија прогнозите на аналитичарите - дека освен опструкции при формирањето на Специјалното јавно овинителство (СЈО), во втората фаза тоа ќе биде под жестоки притисоци, со цел да се обесхрабри во неговата работа. Во текот на една недела порасна бројот на кривични пријави поврзани со предистражните дејства што ги презема тимот на Јанева. Основното јавно обвинителство (ОЈО) вчера потврди дека до него се поднесени пет нови кривични пријави од пет физички лица: три против непознат сторител, а две против двајца обвинители и вработени во СЈО, заради „малтретирање во вршење службена должност“. Со двете кривични пријави поднесени во текот на минатата недела, една против тројца обвинители и непознати сторители, и втората против полициски службеник, бројката на кривични пријави стигна до седум. Од СЈО најавуваат дека „наскоро на прес-конференција ќе се произнесат за овие пријави“. Остануваат на досегашниот став дека постапуваат според законот и дека подносителите на пријавите ќе треба да ги докажат своите тврдења.

Никакво изненадување

Ваквиот развој на настаните не е никакво изненадување, вели адвокатот Драган Малиновски.

„Очекувано беше Специјалното јавно обвинителство да со соочи со противнапад од поединци и структури кои се предмет на негово постапување. Немам дилема дека како ќе одминува времето, и како овие истраги ќе напредуваат, така притисокот врз тимот на Јанева ќе се зголемува. Изминатата седмица Јанева се занимаваше со Советот на јавни обвинители. Сега против неа и нејзините соработници се отвара нов фронт, преку поднесување серија кривични пријави до Основното јавно обвинителство, за наводно вршење на притисок врз осомничени и сведоци. Целта на ваквата стратегија е Специјалното обвинителство да се притисне и да биде во дефанзива, во него да се внесе немир и несигурност, со што неговиот капацитет за ефикасно менаџирање со предметите сериозно би се нарушил. Специјалното обвинителство ќе мора да одолее на сите овие притисоци, па и на заканите со кои се соочува, и да се фокусира на својата агенда. Во спротивно, ако овој проект наречен 'специјален јавен обвинител' не успее и биде попречен во реализацијата, се плашам дека може да дојде и до радикализација на политичката криза“, прогнозира Малиновски.

Спаси си ја сопствената кожа!

„Спаси ја сопствената кожа“, „Не штеди никого“, „Ќе бидеш казнет со поблага казна ако соработуваш“... Ова, според провладини портали, биле „дел од заканите кои му биле упатувани на вработен во МВР од страна на лица од тимот на Катица Јанева“. Со оглед дека предистражната постапка е тајна, не се знае кон кои лица наводно биле упатени ваквите закани, но неофицијално се дознава дека на распит за предмети околу изборни нерегуларности биле повикани сведоци вработени во МВР. Според провладини медиуми, на едно од повиканите лица, дури му бил нуден и поткуп за да даде исказ во согласност со насоките што ги дала обвинителката. Заменикот- министер за внатрешни работи, Митко Чавков, прв во интервју јавно се огласи за овие случаи.

„Ваквите методи на работење не доликуваат никому. Особено не на вработени во МВР. Не смее никому да нудите поткуп, огромни суми пари за да потпише и за да застане зад лажен исказ со кој некој би бил искомпромитиран. (...) Тоа беа методи на поранешната УДБА, систем кој се применуваше пред 50 години. Не доликува некој денес да се служи со такви средства. Политиката не смее да се меша во законот“, изјави Чавков.

Извори упатени во предметот „Пуч“, велат дека токму методите што Чавков ги критикува, наводно биле применети во случајот на еден од осомничените, а подоцна и осуден, Звонко Костовски, кој експресно се спогоди со ОЈО и доби казна затвор во траење од три години.

Ако треба - и специјален суд!

По серијата медиумски текстови со наводи за наводно незаконско работење на СЈО, оваа институција пред четири дена се огласи со соопштение.

„Ги демантираме во целост објавените медиумски наводи дека од страна на јавни обвинители од ова Јавно обвинителство е постапувано спротивно на законските одредби во преземањето на процесните дејствија, како и дека ваквите наводни активности се по налог на Катица Јанева. Ова обвинителство, иако беше изложено на неосновани напади и во претходниот период, покажа висок степен на толеранција спрема лицата кои изнесуваа невистини, навреди, клевети и се служеа со говор на омраза насочен кон обвинителството. Со оглед дека бројните апели од наша страна не дадоа резултат, за да се заштити интегритетот и безбедноста на јавните обвинители и нивните семејства, ја известуваме јавноста дека во периодот што следи против одредени лица ќе бидат покренати соодветни граѓански постапки за клевета и навреда, како и кривични постапки за лажно пријавување на кривично дело“, соопшти СЈО.

Mazedonien Verhaftungen
Фотографија: DW/F. Musliu

Но, ни тоа не ја запре лавината. Поранешниот републички јавен обвинител, Јован Трпеновски, смета дека првичната тивка опструкција на Јанева сега преминува во фаза на груба опструкција.

„Како што се ближи 24-ти април, се повеќе е голема нервозата на одредена структура која е свесна дека ќе биде под удар на надлежноста на СЈО и се прават напори на некој начин да се аморизира тоа што е негова основна функција. Мислечката јавност, онаа која не е оптоварена со некаква политичка или партиска поларизација, свесна е дека се атакува врз она што го очекуваме: а тоа е доследна примена на законот, објективна проценка за состојбите, како и одлуката донесена од специјалниот јавен обвинител да резултира врз фактите што ќе се утврдат во постапката. Ако некому тоа не му одговара, мора да измислува нешто за да си ја олесни сопствена позиција. Мислам дека атакот врз Катица Јанева ќе биде се позасилен и подрзок. Ако во почетокот имаше тивка опострукција на нејзината работа, сега има најгруба опструкција, а не знам со што би завршило,“ изјави Трепеновски во емисијата „360 степени“.

И додека многумина се прашуваат како и со што ќе завршат овие атаци, во дипломатско-експертски кругови се повторно се врти идејата за формирање специјален суд.

„Ако СЈО како автономна институција во старт се соочува со притисоци, тогаш уште поизвесно е под какви притисоци ќе биде нереформираното судство, кога ќе треба да одлучува за евентуалните обвиненија што ќе произлезат од СЈО. Токму опструкторите на работата на СЈО најдиректно го отвораат прашањето за неопходноста од специјален суд“, велат овие извори.

Поради тоа многу внимателно и длабински ќе се следи се што е поврзано со работата на СЈО, „бидејќи и непреченото функционирање на правдата, односно законското санкционирање на оние за кои ќе се докаже дека учествувале во изборни манипулации, исто така е еден од предусловите за фер-избори“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема