1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Калкулираната критика на Штајнмајер на сметка на НАТО

Ханс Брант / превод: ЕМФ21 јуни 2016

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер се експонира за да ја натера Русија на концесии. Истовремено, тој сака да го зајакне и профилот на СПД, оценува Ханс Брант.

https://p.dw.com/p/1JAOO
Генералниот секретар на НАТО Столтенберг (л.) и германскиот министер ШтајнмајерФотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

Во едно интервју од викендот германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер протестираше против „ѕвечкањето со сабји и воените крици“ на НАТО на истокот на Европа. Изненадувачки драстичен избор на зборови на партнерот на НАТО - Германија. Со тоа Штајнмајер предизвика бран на одобрување во Русија, а во Германија бура од негодување, пред сѐ кај коалиционите партнери ЦДУ и ЦСУ. Двојната реакција одговара на двојната улога на Штајнмајер: тој од една страна зборуваше како највисок германски дипломат, а од друга страна како политичар во врвот на својата Социјалдемократска партија (СПД).

Со својата критика на сметка на НАТО Штајнмајер ги навреди сојузниците во балтичките држави и во Полска. Овие земји се чувствуваат загрозени од поагресивната руска надворешна политика од последните години и затоа бараа посилен ангажман на НАТО. Големите маневри Анаконда-16 од минатата недела, на кои се надоврза оценката на Штајнмајер за „ѕвечкање со сабји“, беа многу проширени на инсистирање на Полска. Во маневрите учествуваа и германски војници.

Порака пред сѐ до Москва

Ваквото експонирање на Штајнмајер треба да се разбере пред сѐ како повик до Русија за разговори. Русија му е потребна на Штајнмајер за да се најдат решнија во низа меѓународни кризи. Во весникот „Билд ам Зонтаг“ тој ја споменува руската конструктивна улога во атомскиот договор со Иран и одлучувачкото влијание што Москва го има во Сирија. Освен тоа, за шефот на германската дипломатија, централни се и преговорите за вооружениот конфликт на истокот на Украина.

Kommentatorenporträt Hans Brandt
Ханс БрантФотографија: DW/S. Kinkartz

Таканаречениот „Мински процес“, во кој учествуваат и Франција, Русија и Украина, е заглавен. Санкциите од ЕУ против Русија остануваат во сила, сѐ додека не биде позитивно завршен процесот од Минск, па оттука - неделава ќе бидат продолжени повторно. Меѓутоа, во меѓувреме санкциите се многу спорни меѓу шефовите на влади на ЕУ. Штајнмајер предложи компромис: олабавување на санкциите чекор по чекор паралелно со успесите постигнати во Минскиот процес. За такво нешто, меѓутоа, Русија треба да се придвижи.

За социјалдемократот Штајнмајер отворените канали за разговори во насока на Москва се дел од политичката саморазбирливост. Долгогодишниот шеф на СПД Вили Брант како канцелар во периодот од 1969 до 1974 година со својата политика кон истокот направи чекор во насока на приближување кон СССР и така ги намали тензиите од Студената војна. Демохристијаните на Ангела Меркел, наспроти тоа, повеќе се за традицијата на воена подготвеност и јасна поделба за да може да се одговори на заканите од Исток. Така, не изненадува што сега повеќемина политичари на ЦДУ му префрлаат на Штајнмајер дека ја поткопува заедничката политика на коалицијата ЦДУ/ЦСУ-СПД.

СПД мора да стане повидлива

Ваквите разлики, меѓутоа, СПД во моментов ги нагласува со драго срце и често, зашто за отприлика една година во Германија ќе се избира нова влада. Оттука, СПД се обидува да се профилира повеќе како самостојна партија. Шефот на СПД Зигмар Габриел, кој е вицеканцелар и министер за економија во владата на Меркел, за време на викендот во текст за магазинот „Шпигел“ напиша дека по изборите за Бундестагот може да си претстави влада која ќе биде составена од левичарски партии. Со тоа, ја доведува во прашање актуелната соработка со ЦДУ.

Практично истовремено, Габриел во „Шпигел“ и Штајнмајер во „Билд ам Зонтаг“ - зад тоа се крие усогласена акција за да се направи видлива социјалдемократската позиција и став. Така треба да се разберат и поларизирачките изјави на Штајнмајер.