1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО ја плаши Русија

Бернд Ригерт / Е.М.Фиданоска15 јуни 2016

Министрите за одбрана на НАТО со договор за зајакнување на источниот бедем на алијансата. Целта е заплашување на Русија. Од Москва веќе доаѓа одговор.

https://p.dw.com/p/1J6id
Фотографија: picture-alliance/UPPA W. Dabkowski

НАТО го зголемува военото присуство на својот источен бедем, особено во балтичките држави и Полска. Министрите за одбрана на Алијансата реагираат на заканите кои, според нив, произлегуваат од Русија по анексијата на Крим и постојаните големи маневри на украинската граница. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на средбата на министрите за одбрана на членките на воениот сојуз, зборуваше за „најголемо проширување на колективната одбрана од Студената војна досега“. Литванскиот министер за одбрана Јузас Олекас не смета дека руска инвазија на Балтикот е можна, но сепак вели: „Тоа не можеме да го исклучиме.“ Руската армија, според него, е во состојба да изведува големи маневри на границата и од тоа за неколку часа да произлезе вистинска воена акција.

Видливо присуство на трупи од НАТО бараа пред сѐ малите балтички држави. Сега сојузот до самитот во Варшава, на почетокот на јули, треба да претстави официјален план. Се наѕира распоредување на четири мутлинационални НАТО-баталјони на Балтикот и во Полска. Секој од баталјоните би можел да брои 800 до 1000 војници, изјави американскиот амбасадор во НАТО, Даглас Лут. Германија, САД и Велика Британија би требало да раководат со по еден баталјон. „Германија е подготвена да преземе одговорност“, изјави германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен. Кој во која земја би бил распореден, сѐ уште не е одлучено.

За четвртиот баталјон, кој треба да биде распореден во Полска, сѐ уште се бара нација која ќе биде водечка. САД се обидуваат да ја убедат Канада, затоа што многу европски држави на НАТО велат дека немаат капацитети.

Belgien Brüssel NATO Generalsekretär Jens Stoltenberg während Pressekonferenz
Јенс СтолтенбергФотографија: picture-alliance/dpa/O. Hoslet

За балтичките држави не е доволно само распоредување на борбени сили на НАТО, туку тие бараат и подобра противвоздушна одбрана од можни руски напади. НАТО досега се потпира на т.н. „Air policing“. Воените авиони на НАТО кои се стационирани на Балтикот се во воздух кога руските авиони го повредуваат воздушниот простор, меѓутоа тие немаат воена задача и не би можеле да спречат поголем напад од страна на руската воена авијација.

„Русија се врти кон минатото“

Американскиот генерал Филип Бридлав, кој до неодамна беше командант на НАТО во Европа, во март изјави: „Веќе не се работи за реосигурување, туку за заплашување.“ Експертите од Институтот за истражување на мирот СИПРИ сметаат дека НАТО и Русија се на пат кон нова Студена војна. Во тоа сомнеж не остава ниту американскиот министер за одбрана Ештон Картер: „Русија се врти кон минатото“. Картер, на почетокот на мај, по повод смената на врвот на НАТО во Европа, додаде: „Ние не стремиме кон тоа Русија да ни стане непријател. Но, немојте да се сомневате во тоа дека ќе ги браниме нашите сојузници, нашиот меѓународен поредок и нашата позитивна иднина.“

Polen Militärmanöver Anakonda mit Nato-Staaten
Маневри на НАТО во ПолскаФотографија: picture alliance/ZUMAPRESS

На прашањето дали НАТО-трупите на Исток се закана за Русија, американскиот амбасадор во НАТО Лут одговори: „Со неколку баталјони не можете да марширате никаде“. Интенцијата е да се испрати сигнал до Москва.

Пораки од Москва

Москва веќе реагираше на најновите планови на НАТО. Уште во мај Андреј Келин од руското Министерство за надворешни работи изјави дека Русија со голема загриженост гледа на зајакнувањето на трупите од страна на НАТО. „Се плашам дека тоа бара мерки за одбрана“, рече тој. Руското Министерство за одбрана повеќепати најави дека до крајот на годината во западниот воен регион на Русија ќе испрати три нови дивизии со по 10.000 војници и пет единици со нуклеарно оружје. Додека се одржуваше средбата на министрите за одбрана на НАТО, рускиот претседател Путин нареди проверка на подготвеноста на резервистите. Тоа е чиста случајност, се вели во Москва.