1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заедничка валута - заеднички гаранции

9 октомври 2011

Раѓањето на еврото беше проследено со многу добри аргументи. Тогаш воопшто не се стануваше збор за тоа дека сите земји членки ќе гарантираат за долговите на некоја од членките на монетарната унија. Но, што сега?

https://p.dw.com/p/12cfq
Symbolbild Eurokrise Monete 07 © Dufra #9690655
Некој мора да му помагне финансиски на другиот за да излезе од теснецФотографија: fotolia/Dufra

Раѓањето на еврото беше проследено со многу добри аргументи како - Европа добива заедничка валута, цените можат полесно да се споредуваат, еврото ќе биде стабилно исто како и германската марка. „Ноу бејлаут“ – нема одговорност за долговите на некоја друга земја членка. Вака стои во членот 125 од ЕУ-договорот. Правило, со кое пред се’ Германците, во 1992 година, во договорот од Мастрихт сакаа да се осигураат дека еврото ќе биде исто толку стабилно, како што беше и германската марка. Речиси две децении подоцна Унијата треба да се спаси од пропаст со т.н. чадори за спас, тешки стотици милијарди евра. Како можеше да дојде до вакво нешто? Голем број економски експерти не си го поставуваат ова прашање. За нив ваквиот развој беше очекуван. Професорот Јирген Донгес, кој до 2002 година беше еден од т.н. „петмина мудреци“, совет на експерти што го набљудува севкупниот стопански развој, потсетува на „Манифестот на 62-та“, во кој група германски професори по економија уште во 1993 година предупредуваа од создавање на трансфер-унија: „Соединивме земји што, реално гледано, фундаментално се разликуваат во однос на нивниот растечки потенцијал, конкурентноста на пазарот итн. Но, ова едноставно беше тргнато од масата за дискусија, бидејќи се работеше за политички проект. Уште од самиот почеток беше јасно дека тоа не може да функционира. Во претходно споменатиот манифест на професорите, во тезата број осум, можете да прочитате: порано или подоцна таа ќе се претвори во тренсфер-унија, во финансиско порамнување, бидејќи друг излез нема. Меѓутоа, целата работа е проблематична затоа што нема политичка легитимација за такво нешто“, објаснува професорот Јирген Донгес.

Направени се грешки во конструкцијата на монетарната унија

Symbolbild Grafik Eurokrise Europa Euro Währungskrise
Заедничката валута - домино или не?Фотографија: Fotolia

Со оглед на тоа што секоја држава членка можеше да спроведува самостојна стопанска и финансиска политика, дури и не беше потребна финансиска криза за да се заврши во мизерија. Светската финансиска криза само го забрза процесот. Поради ваквата теза, на иницијаторите и потписниците на „Манифестот на 62-та“ им се префрлаше за скептицизам и непријателски мотиви кон Европа. Еден од противниците тогаш бил и научникот во областа на стопанството, Отмар Исинг, до 2006 година член на директориумот на Европската централна банка: „Јас мислев дека притисокот на заедничката валута и усогласената финансиска политика за сите ќе доведат до многу позасилена промена на политиката во одделни земји членки. Мора да признаам дека таквиот став беше илузија. Минатата година, на една конференција во Брисел, поранешниот еврокомесар Марио Монти ми рече: ’Предолго бевме премногу љубезни едни кон други’. Со тоа тој не мисли дека не треба достоинствено да се однесуваме едни кон други, туку дека во одговорните тела треба да си ја кажеме вистината и дека треба искрено да кажеме дека вака веќе не може. А, токму тоа изостана и не беше кажано во ниту едно тело“, вели научникот Исинг.

Ризикот мора да се преземе!

Кризата во монетарната унија, вели Исинг, е последица на постојаните прекршоци против потпишаниот договор. И што сега? Дали еврозоната дојде до точка каде не постои друга алтернатива освен преземање ризици и долгови од другите и создавање на трансфер-унија? Економот Донгес на ова прашање одговара потврдно. Заедничкиот кризен менаџмент предизвикува поттик за негативно однесување, а врвот го достигна со Европскиот механизам за стабилизација, што треба да стапи на сила од 01 јули 2013 година: „Тие притоа не размислуваат дека од 2013 година на тој начин на секоја држава и’ даваат право да ги уценува. Имено, секоја земја може да се претстави како систематски релевантна и да тврди дека може да ја дестаблизира целата еврозона и на тој начин да бара сите да се вклучат во покривањето на долговите. Неодамна во Мадрид еден многу важен човек ми рече: ’Па, ние можеме да се опуштиме, бидејќи Германците и онака ќе ни‘ помогнат’“, појаснува Донгес.

Научниците немаат алтернативи за сегашната состојба

--- DW-Grafik: Per Sander 2011_09_01_eurobonds.psd
Сите заеднички треба да ги покриваат долговитеФотографија: Anja Kaiser - Fotolia.com/DW

Да се создаде притисок и да се издржи, па во краен случај да се живее и со последиците - за економот Отмар Исинг ова е единственото решение што може да ја спаси монетарната унија од сегашната мизерија. Меѓутоа, идејата со заедничките еврообврзници да се распредели ризикот и на останатите земји во заедницата, тој комплетно ја одбива како контрапродуктивна. Формирањето европска стопанска влада во вакви услови се чини илузорно. Во моментов е јасно, дури и научниците од областа на економијата немаат алтернативи за чадорите за спас тешки милијарди евра. Но секако, нагласува Клеменс Фуст, професор на универзитетот во Оксфорд, чадорите за спас и банкротот на една од земјите-членки не мора да си противречат: „Доколку сакаме да имаме можност, на пример во Грција, да спроведеме контролиран банкрот, а според мое мислење тоа е неопходно, бидејќи само така доверителите во иднина ќе бидат повнимателни и само на тој начин во иднина ќе може задолжувањата да се држат во граници, значи доколку сакаме да го направиме тоа, тогаш ни‘ се потребни соодветни инструменти. Банкротот е легитимен, важно е да се даде поттик на пазарите на капитал, но тоа во моменталнава состојба може да го направиме само со помош на финансиските чадори за спас“, објаснува професорот Клеменс Фуст.

 

Автор: Сабине Кинкарц  / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Симе Недевски

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема