1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел го брани еврото

26 септември 2011

Банкрот на Грција во овој момент не е вистинското решение, смета германската канцеларка. Ангела Меркел истовремено пледира за построги санкции во Европа, за земјите кои не се придржуваат до договорите.

https://p.dw.com/p/12gKn
Канцеларката Ангела Меркел во емисијата на Гинтер ЈаухФотографија: dapd

Пакетите за помош за високо задолжената Грција и други земји на еврозоната се важни, „бидејќи во игра е стабилноста на валутата“ подвлече германската канцеларка Ангела Меркел. Германија профитира од еврото повеќе од другите европски држави „Еврото ни е потребнo и еврото е добро за нас“, нагласи канцеларката спроти гласањето во Бундестогот. Германскиот парламент  в четврток треба да се изјасни за проширениот европски пакет за спас на земјите со финансиски потешкотиии, а канцеларката очекува поддршка од сопартијците и коалиционите партнери.

Не е време за банкрот на Грција

Ангела Меркел истовремено предупреди од прогласување банкрот на Грција во овој момент, бидејќи во таков случај се заканува целосно губење на довербата на доверителите во еврото. Радикални чекори во европската криза нема да бидат од помош, ниту пак враќањето на германската марка. Меркел меѓутоа се заложи за заострени мерки за спроведување на обврските од страна на земјите во евро-зоната.

Angela Merkel bei Günther Jauch
Канцеларката Меркел и водителот на емисијата Гинтер ЈаухФотографија: dapd

„Ако погледнеме, какви можности постојат денес во евро-зоната една земја да биде принудена да го спроведе она што го предвидува пактот за стабилност и пораст, што се наметнува и што се очекува. Дури и со подобрениот пакт се покажува: не постои инстанца во Европа, која може вистински да преземе мерки, кога некој не се придржува до се’. Затоа велам: мора да работиме на промени на договорот, за една земја да може да биде изведена барем пред Европскиот суд, за да мора да предаде така да се каже дел од своите надлежности и од сувереноста, а некоја европска институција да може да каже, ’кој не се придржува до договорите, мора да биде принуден на тоа’“, изјави Меркел при гостувањето во емисијата именувана по нејзиниот водител Гинтер Јаух на првата програма на германската телевизија.

Зголемена одговорност

Германската канцеларка изречно нагласи дека идниот постојан механизам за спас на земји со финансиски потешкотии, кој во 2013 година треба да го замени сегашниот европски пакет, треба да предвидува и контролирана инсолвентност за презадолжени држави. „Тоа е неопходно“ убедена е канцеларката. И Германија во минатото направи големи долгови, а сега е потребно да се потегне кочницата против нови задолжувања во државите на еврото, смета германската канцеларка Ангела Меркел.

Автор: АТ/ ард/ дв/ дпа/ ртр/ дапд/ афп

Редактор: Горан Чутаноски