1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган победи, демократијата загуби

Седа Сердар
25 јуни 2018

Турските избирачи излегоа на историските претседателски и парламентарни избори и Ердоган го направија уште помоќен. На опозицијата и нејзините приврзеници сега ќе им биде уште потешко, коментира Седа Сердар.

https://p.dw.com/p/30Dds
Wahlen Türkei - Erdogan erklärt sich zum Sieger
Фотографија: picture-alliance/AP/L. Pitarakis

Во Турција започна нова ера. Претседателот Реџеп Таип Ердоган ја зацементира својата моќ за идни најмалку пет години. Новиот систем на претседателот му дозволува директно именување министри во владата, му дава моќ за издавање декрети и именување членови на правосудниот апарат. Ердоган оствари мнозинство уште во првиот круг на претседателските избори, иако неговата партија АКП доби 7 проценти помалку гласови отколку на претходните избори во 2015. година. (42,5 % во 2018, 49,5 % во 2015)

Голема победа на Ердоган

Да, ова е голема победа на Ердоган. Но, голема победа во многу поларизирана земја. Тие кои гласаа за АКП слават, другата половина од нацијата е длабоко разочарана, зашто знае дека е тоа крај на демократијата. Опозицијата беше зајакната, но сепак не доволно. Без оглед на обвинувањата за манипулирање на изборите, АКП побрза да се прогласи за победник и ќе остане на тоа по секоја цена. Ова е дежаву на референдумот од 2017. година, на кој оние кои гласаа со „да“ освоија тесно мнозинство и така го разгазија патот за промена на Уставот. Изборите од 24. јуни беа последна шанса за ревидирање на таа одлука. И последна шанса на Турција за зачувување на демократијата. Оние кои гласаа за опозициските партии и сѐ она што тие застапуваат, сега ќе мора да најдат начин да се прилагодат на новиот систем.

Seda Serdar Kommentarbild App
Седа Сердар

Светот само гледа

Светот долго набљудува што се случува во Турција. И ќе продолжи да го прави тоа, со оглед што Турција не е сојузник на кој лесно може да му се сврти грб. Притоа турските односи со Запад, пред сѐ Европа, ќе бидат поголем предизвик од било кога, веројатно поголем за европските партнери отколку за турскиот претседател, со оглед дека тој сега ја има потврдата потребна за легализирање на ширењето на својата моќ. А тоа веќе го практикуваше во текот на вонредната состојба која ја прогласи по неуспешниот обид за пуч во 2016. година.

Ако ЕУ реши формално да го прекине процесот за пристап на Турција кон Унијата, таа ќе ја игнорира онаа втора половина од земјата која се бори за демократија. Ако не го запре, ќе мора да најде начин како да се постави кон земјата - постојан прекршувач на вредностите на кои се заснова ЕУ. Тишината со која светските лидери ги проследија првите привремени резултати на изборите ја сугерира претпазливоста со која се третира Турција. 

Повеќе:

Ердоган - Од реформатор до радикал и назад?

Ердоган: Силни зборови- слаба валута

Занемена опозиција

По поразот на опозицијата, нејзините симпатизери се фрустрирани што сега сѐ така стивна. Главниот конкурент на Ердоган, Мухарем Инџе од ЦХП во меѓувреме се огласи и без оглед на приговорите за неправилности на изборите и нефер услови во изборната трка, го прифати изборниот резултат.

Ердоган пак сега мора да ги засучи ракавите и да се фрли на работа за опоравување на турската економија. Победа на изборите е едно, а окончување на кризата на турското стопанство нешто друго и тука мора да се вложат многу поголеми напори, без оглед колкава моќ и да има како претседател.