1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган: Силни зборови- слаба валута

Даниел Хајнрих
29 мај 2018

Вредноста на турската валута постојано опаѓа, како и довербата во турската економија. Претседателот Ердоган смета дека зад сето тоа стои западен заговор. Стручњаците во него гледаат еден од виновниците за оваа ситуација.

https://p.dw.com/p/2yWwO
Türkei, Erzurum: Präsident Recep Tayyip Erdogan bei einer Wahlveranstaltung
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Едно нешто на Реџеп Таип Ердоган мора да му се признае: не му недостасуваат креативни идеи. Така за време на еден предизборен настап минатиот викенд ги повика граѓаните од својата земја заштедите кои ги имаат во евра и во долари да ги сменат во домашна валута. „Браќа мои, вие кои чувате долари и евра под перница, одете заменете ги своите пари во лири. Заедно ќе му ставиме крај на овој заговор“, им порача тој на своите симпатизери кои виореа знамиња во Ерзурум во источниот дел на земјата. Повод за овој апел на Ердоган е драматичниот пад на вредноста на турската лира. Во изминатите 6 месеци вредноста на турската валута опадна за 20 отсто. Ердоган не смета дека за тоа се виновни економски фактори туку заговор на домашните и странските финансиски сили.

Кој ќе ја контролира Народната банка?

Освен овој апел, турскиот претседател објави и оти во случај на негов реизбор на крајот на јуни, планира да воспостави контрола врз досега независната турска Народна банка. И токму тоа го загрижува Марсел Фрачер, претседател на Германскиот институт за економски истражувања. Тој Ердоган го смета за еден од виновниците за економските проблеми во Турција, а неговата најава за укинување на независноста на централната турска банка и преземање на контролата врз неа ја гледа како една од главните причини за кризата на турската лира. Фрачер, исто така, се плаши дека поради погрешната економска политика сѐ повеќе Турци ќе ја напуштаат својата земја или барем својата заштеда ќе ја повлечат од неа.

А состојбата во турската економија е навистина загрижувачка. Причина за тоа, меѓу останатото, е и тоа што турскиот економски модел на странски план во последните години почна да „киксира“. Веќе со години Турција повеќе увезува стока отколку што извезува. Странските инвеститори пак за возврат вложуваа пари во Турција бидејќи се надеваа на добар профит. И оваа конструкција функционираше добро долго време. На турската економија ѝ одеше добро.

Türkei, Erzurum: Präsident Recep Tayyip Erdogan bei einer Wahlveranstaltung
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Но, по обидот за државен удар во 2016 година и бранот апсења и отпуштања кој следеше потоа, вложувачите почнаа да губат доверба во оваа земја. Во меѓувреме надворешно-трговскиот дефицит порасна за 5 насто. Стапката на инфлација во моментов изнесува околу 11 отсто, двојно повеќе од 5 насто колку што централната банка си постави за цел.

Ердал Јацин е професор за меѓународни економски односи на факултетот Констанц. Тој за ДВ ги објаснува размерите на драматичноста на моменталната состојба во турската економија: „Ако турската лира и натаму губи на вредност, може да дојде до случајот познат како „Fire Sale“, кога странски капитал во рок од само неколку дена може да биде целосно повлечен од земјата.“

Ставот на Ердоган за економските прашања придонесува за влошување на ситуацијата. Централната банка во вакви случаи обично значително ги зголемува каматите за да запре инфлација и пад на вредноста на сопствената валута. Но, турскиот претседател упорно се спротиставува на оваа испробана економска формула. Тој не само што јавно се изјаснува против зголемување на каматите, туку и врши притисок врз независните државни банкарски надзорници да ги намалат каматите. Една од можните причини за тоа е дека Ердоган се плаши оти со зголемување на каматите може да се загрози економскиот раст кој минатата година изнесуваше 7,4 насто. Досегашната економска политика беше и еден од главните адути на Ердоган и на неговата партија АКП. Претседателот сѐ уште е омилен кај Турците затоа што на многумина им овозможи економски просперитет. 

Загубена доверба

Германскиот економски експерт Марсел Фрачер смета дека Ердоган со своето однесување сега тој успех го става на коцка. Тој е уверен дека покрај странските инвеститори и многу домашни претприемачи ја загубиле довербата во турскиот претседател и неговата економска политика „Вредноста на турската влаута и натаму ќе паѓа ако владата продолжи да манипулира со стопанството, но и ако и натаму ги задушува демократијата и човековите права“, тврди Фрачер.

Türkei Währung
Фотографија: Getty Images/AFP/O. Kose

Меѓународните агенции за кредитен рејтинг очигледно го споделуваат ова мислење. Каматите за турските држвни обврзници пораснаа на рекордно ниво, што значи дека вложувачите повеќе не се подготвени на земјата да ѝ позајмуваат пари под доскорешните поповолни услови. Американската рејтинг агенција Стандард и Пурс на почетокот на мај ја намали оценката на бонитетот на Турција на „ББ“. Друга голема рејтинг агенција, Мудис уште во март ја намали оценката за кредитоспособноста на Турција

Ердоган во својот настап во изминатиот викенд во Ерзурум јасно стави до знаење што мисли за овие оценки: сличко како и кога станува збор за турската валута и тука претседателот на дело гледа странски сили, кои сакаат да го „дестабилизираат“ турското стопанство и да него да го соборат од власт. Неговите теории ги заврши со заканата дека финансискиот сектор, ако станал дел од „манипулацијата“ на пазарот, тоа скапо ќе го плати.