Една најава на Папандреу и повторно криза?
1 ноември 2011„Црн вторник. Грците предизвикуваат нова криза“, со ваков драматичен наслов најтиражниот весник во Германија и во Европа, „Билд“ ги следи случувањата во Европа по ненадејната најава на грчкиот премиер Јоргос Папандреу дека ќе распише референдум на почетокот на наредната година на кој граѓаните би требало да се изјаснат околу европскиoт пакет за финансиска помош за Грција.
Притоа се регистрира хаотичната ситуација на берзите предизвикана од најавите на Папандреу, стрмоглавиот пад на акциите , како на пример на индексот ДАКС на берзата во Франкфурт од преку 6 проценти, или пак на шпанската берза од преку 5 насто. Слични панични реакции на инвеститорите на инвеститорите се чувствуваат на берзите ширум Европа но и во САД и во Азија.
Во Грција врие
Хаосот на берзите се пресликува и меѓу политичарите во Грција и во Европа. Во Атина не само опозицијата туку и членови на владејачката партија ПАСОК се спротиставија на дури и за нив изненадувачкиот предлог на Папандреу
Пратеничка на ПАСОК, Милена Апостолаки денеска се откажа од членството во пратеничката група од револт кон постапката на Папандреу.
Со овој чин парламентарното мнозинство на владата е намалено на 152 од вкупно 300 пратеници, во пресрет на клучното гласање на доверба кое истотака го најави Папандреу.
Неколку други пратеници на ПАСОК истотака се спротиставија на одржувањето референдум и повикаа на формирање влада на национално единство , и предвремени избори во земјата.
Лидерот на најголемата грчка опозициска партија Нова Демократија, Андонис Самарас денеска го отфрли предлогот на премиерот за референдум и наместо тоа повика на одржување итни предвремени избори.
„Изборите се национална нужност“, изјави Самарас по средбата со претседателот на државата, Каролос Папуљас.
Лидерот на опозицијата уште предупреди дека повикот на Папандреу за референдум го доведува во ризик членството на Грција во ЕУ, додавајќи дека неговата Нова демократија е одлучна да се спротистави на такви „опортунистички“ експерименти.
ЕУ смирува
Европската Унија по првичното изненадување реагираше во насока на смирување на ситуацијата. Во заедничко соопштение претседателот на Советот на ЕУ Херман ван Ромпој и претседателот на Европската Комисија , Жозе Мануел Барозо порачаа дека телефонски контактирале со грчкиот премиер и се информирани за неговата одлука.
„ Ние целосно веруваме дека Грција ќе ги оствари своите оврски превземени во однос на еврозоната и на меѓународната заедница“, истакнуваат Ван Ромпој и Баросо. За најновиот развој на настаните телефонски разговор имаат закажано францускиот претседател Никола Саркози и германската канцеларка Ангела Меркел. Владата во Берлин официјално не реагира но претседателот на пратеничката група во Бундестагот на владејачката Либерална партија Рајнер Бридерле изјави дека во случај Грците на референдумот да го отфрлат новиот пакет финансиска помош ќе дојде до банкрот на земјата.
Автор: СН/АТ/ртр/афп/дпа
Редактор: Жана Ацеска