Шок и изненаденост по најавата на Папандреу за референдум
1 ноември 2011Грчкиот премиер Јоргос Папандреу ненадејно најави намера за референдум за почетокот на наредната година на кој граѓаните би требало да се изјаснат околу европскиoт пакет за финансиска помош за Грција. Опозицијата во Грција и европските партнери се изненадени од предлогот на премиерот Папандреу.
Лидерот на најголемата грчка опозициска партија Нова Демократија, Андонис Самарас денеска го отфрли предлогот на премиерот за референдум и наместо тоа повика на одржување итни предвремени избори.
„Изборите се национална нужност“, изјави Самарас по средбата со претседателот на државата, Каролос Папуљас.
Лидерот на опозицијата уште предупреди дека повикот на Папандреу за референдум го доведува во ризик членството на Грција во ЕУ, додавајќи дека неговата Нова демократија е одлучна да се спротистави на такви „опортунистички“ експерименти.
Стрмоглав пад на вредноста на акциите на ервопските берзи
Грчките опозициони партии ја обвинуваат владата дека со референдумот сака да се задржи на власт. Повеќемина пратеници се сомневаат дали предлогот на Папандреу воопшто може да се спроведе.
Финскиот министер за Европа Александер Стуб во телевизиско интервју изјави дека такво гласање, со оглед на актуелната ситуација, фактички би бил референдум за грчкото членство во еврозоната. Портпарол на министерството за финансии во Берлин изјави дека станува збор за внатрешно-политички развој во Грција за кој Германија се’уште нема официјални информации.
И Европската комисија соопшти денеска дека не била официјално информирана од грчката Влада за плановите за организирање референдум за планот за спасување на економијата од 130 милијарди евра.
Намерата на грчкиот премиер Јоргос Папандреу да организира референдум околу најновиот европски план предизвика шок при отворањето на европските берзи. Берзата во Париз го започна денот со пад од 1,89 процент. Во Франкфурт индексот на берзата Дакс изгуби 3,5 отсто. Берзата во Лондон исто така при отворањето загуби 1,71 отсто, додека берзата во Мадрид три проценти.
Автор: АТ/СН/ртр/дв/миа
Редактор: Симе Недевски