1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амнести: Критики за институционален расизам во Германија

Кај-Александер Шолц/Ж.А.10 јуни 2016

Дали се бегалските сместувалишта во Германија доволно обезбедени? Амнести Интернешнл гледа големи дефицити на ова поле.

https://p.dw.com/p/1J46e
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Амнести Интернешнл бара на идната конференција на германските покраински министри за внатрешни работи (од 15 до 17 јуни) да се постигне договор за концептот за заштита на сместувалиштата за бегалци од расистички напади. Оваа организација за човекови права смета дека полицијата треба правовремено да биде вклучена во донесувањето одлуки околу новите бегалски кампови и дека задолжително мора да ги контролира вработените во приватните служби за обезбедување кои се ангажирани во бегалските домови.

Предрасуди, незнаење и непромисленост

Амнести Интернешнл исто така оценува дека постои „институционален расизам“ во полицијата, правосудството и другите државни органи. Конкретно, станува збор за „неспособност за постапување примерно и професионално со сите луѓе, независно од бојата на нивната кожа, нивното културолошко или етничко потекло“, објасни Селмин Чалискан, додавајќи дека тоа се огледа првенствено во предрасудите, незнаењето и непромисленоста. За жал, истакнува Чалискан, често не се препознаваат расистичките мотиви на некое дело.

На прашањето дали може да се смета оти тврдењето има општа важност, а не се однесува само на одделни случаи, таа признава дека минатите години беа одржани бројни семинари, формирани посебни одделенија во покраинските полиции, но признава - тоа не важи за целата германска територија.

Rainer Wendt
Рајнер Вент од Германскиот полициски синдикатФотографија: DW

Полицијата ги негира обвинувањата

Често повторуваното тврдење дека германската полиција е „слепа на десното око“, не е точно, нагласува претседателот на Германскиот синдикат на полицијата Рајнер Вент во разговор за Дојче веле. Според него, на полицијата не и‘ се потребни лекции од Амнести Интернешнл, уште повеќе што е направено многу нешто на полето на интеркултурната компетенција. Постојат големи дефицити во поглед на персоналната опременост и техничката опрема, вели Вент, но не и во поглед на човечноста и праведноста. Не Амнести Интернешнл, туку полицијата е најголемата организација за човекови права во Германија, заклучува синдикалецот.

Инаку, Амнести Интернешнл не спроведе сопствени истражувања, туку обработка на податоци достапни до јавноста и водење разговори со други невладини организации.

Лоша истрага во серијата убиства

Како еден од доказите за расизам во државните органи, Амнести Интернешнл во својот извештај ги наведува истрагите за серијата убиства извршени од припадниците на десничарската организација „Националсоцијалистичко подземје“, НСУ. Кај овие убиства долго останала непозната десничарската заднина останала долго непозната, без оглед на постоењето соодветни индиции. Наместо тоа, убијците биле барани во приватното и деловното опкружување на жртвите. Властите во овој случај потфрлија и премалку научија, смета Амнести.

Во Бундестагот во ноември 2015 година почна со работа втората анкетна комисија која се занимава со НСУ. Првата анкетна комисија, која работеше од 2012 до 2014 година, на полицијата и‘ препорача темелно преиспитување и документирање на случаите на расистичко насилство. Оваа втора комисија треба да ја анализира работата на државните органи во разјаснувањето на серијата убиства. Но, Амнести се сомнева дека притоа вистински ќе биде истражен т.н. институционален расизам.

Затоа АИ од сојузната влада бара независна истрага за тоа во колкава мера во органите за кривично гонење, а посебно во полицијата, постои институционален расизам и колку тој влијае врз истрагите за расистички кривични дела.