1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е Германија расистичка?

Кристијан Волф/ превод: З. Јордановски9 јуни 2016

Изјавите на политичари на АфД иницираа дебата во Германија за расизмот. Дали дискриминацијата е повторно општествено прифатлива? Во интервју за ДВ одговор дава Билгин Ајата, која го проучува расизмот.

https://p.dw.com/p/1J21L
Фотографија: Reuters/W. Rattay

ДВ: Деновиве повторно многу се дискутира за расизмот. Но, што е всушност расизам?

Б. Ајата: Едноставно кажано, под расизам се подразбира една идеологија и практика која поаѓа од тоа дека сите групи луѓе не се подеднакво вредни – поради нивното потекло, етничката припадност, бојата на кожата, сексуалната ориентација или религија. Тука спаѓа и припишување негативности на туѓото или ако биолошки белези се доведуваат во врска со социјалното однесување. Додека туѓото се оценува како заканувачко или негативно, за сопственото се гради слика на позитивно или дури и супериорно. Притоа не е битно дали навистина расизмот е цел на дискриминирачкиот акт или само го поттикнува него. Значи, не станува збор само за намерно дејствување.

ДВ: Колку е Германија расистичка?

Б. Ајата: За расизам всушност се зборува само кога јасно се изразува некој многу провиден биолошки расизам – како при дебатата за изјавите на Тило Сарацин (поранешен функционер во градската управа на Берлин) или како сега со АфД (Алтернатива за Германија – деснопопулистичка партија, н.з.). Но, кога расизмот се перцепира само при примена на сила, на пример од НСУ (Национал-социјалистичка илегала, неонацистичка терористичка група на која ѝ се припишуваат 10 убиства во Германија – н.з.) или пак само кога станува збор за биолошки расизам, се превидуваат сите форми на секојдневен расизам, од кој се засегнати милиони луѓе во Германија. Така, некој нема да добие работно место или некому нема да му биде даден стан под кирија само оти тој или таа има име кое звучи странски. Такви форми на дискриминација има во сите области на општеството.

Deutschland Bilgin Ayata
Билгин АјатаФотографија: picture-alliance/dpa/K. Schindler

ДВ: Значи ли тоа дека Германија е станата порасистичка?

Б. Ајата: Ce‘ уште нема датотека која систематски би регистрирала расистички гледишта или расистичка дискриминација. Ние воопшто ни не зборуваме за расизам, туку користиме други изрази. Во полициската статистика, на пример, нема глава за расистички насилства, туку за категоријата политички мотивиран криминал од десно. И во научните студии најчесто се применуваат изразите „ксенофобичност“ или „десноекстремни гледишта“, а не расистички гледишта. Ние секогаш само го опишуваме проблемот, но не го именуваме.

ДВ: На што се должи таквиот претпазлив однос?

Б. Ајата: Во Германија поимот расизам најчесто асоцира на биологистичкиот расизам на националсоцијализмот, и оттука преовладува силен одбранбен став против него. Поради тоа се користат поими кои не се толку историски оптоварени, како „непријателство спрема туѓото“, „непријателство спрема странците“ или „ксeнофобија“. Натамошен проблем е дека Германија никогаш вистински подробно не ја расветли својата колонијалистичка историја, во која беше изградена и една расистичка идеологија и практика. Отсуството на свест за насилната колонијалистичка историја се огледува и во недоволното расчистување со расизмот во повоената историја на Германија.

ДВ: Но сега повторно се зборува за расизмот, првенствено поради АфД. Какво влијание имаат изјавите на Александер Гауланд или Бјерн Хеке (политичари кои застапуваат екстремно десничарски ставови – н.з.)?

Б. Ајата: Во јавната дебата се одвива едно опасно ослободување од сите задршки. Свесно се поместува границата меѓу она што смее и она што не смее да се каже. Се искажуваат нешта кои се многу отворено расистички. Со тоа, пак, што ќе се искажат уште поекстремни работи, претходните одеднаш изгледаат како да се нормални. Предупредувам дека проблемот на расизмот не треба да се сведе само на АфД. Политиката и општеството носат одговорност, оти тие со години го негираа проблемот. Одоговорност носат и медиумите кога некритички преземаат расистички формулации или дури и самите ги креираат, како на пример „донерубиства“ (се мисли на убиствата на Турци од страна на НСУ, Национал-социјалистичката илегала; „донер“ е традиционален вид на турски сендвич, турско гиро – н.з.). Во политиката веќе со децении доселувањето и бегалците се омилена предизборна тема, во која мигрантите се инструментализираат и стигматизираат. Оттука не треба да не чуди кога денес во груба форма се кажуваат работи за кои веќе порано е создадена плодна почва.

ДВ: Како е воопшто можно да се спречи или придуши расизмот?

Б. Ајала: Може многу да се стори. Проблем е само што досега немаше вистински напори. Првиот важен чекор би бил да се води офанзивна и искрена дискусија за расизмот во оваа земја – во политиката, медиумите, училиштата, едноставно во целото општество. Кога канцеларката им противречи на изјавите на господин Гауланд, тоа навистина е важно, но би морале да уследат и дела. Комисијата на ОН против расизам во мај 2015. година констатира дека Германија недоволно ги извршува своите обврски во поглед на расизмот и оти постои голема потреба да се дејствува. Точно е дека постои национален акционен план против расизмот, но тој само минимално се реализира. Расизмот не е идивидуален, туку е структурен проблем. Мора да стане збор за институциите и структурите кои толерираат или игнорираат расистички гледишта. Многу важно би било да има и централен институт за истражување и сузбивање на расизмот, поддржан со буџетски средства, како што е и препорачано од Анкетната комисија за НСУ.

Билгин Ајата е асистент-професор по политичка социологија на универзитетот во Базел. Таа е родена во Улм, Германија. Магистрира политички науки на универзитетот Јорк во Канада, а докторира во 2011. gодина на универзитетот „Џон Хопкинс“ во САД.