1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција и името: Нова верзија на Монти Пајтон

Е.М. Фиданоска /фац/зц/сц18 март 2016

Во Грција има владина криза затоа што еден министер земјата Македонија ја нарече со нејзиното име - збор што во Грција е забранет, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, во анализата за македонско-грчките односи.

https://p.dw.com/p/1IFcc
Фотографија: DW/P. Kouparanis

Во текстот со наслов „Тој рече Јехова“ авторот Михаел Мартенс прави паралели на актуелните случувања во Грција и барањата за оставка на министерот Јанис Музалас (на фотографијата) со филмот на Монти Пајтон „Животот на Брајан“. Оценувајќи дека филмот е претерано смешен, авторот продолжува:

„Така е, на пример, во сцената во која еден старец треба да биде каменуван, затоа што е обвинет дека го изговорил зборот 'Јехова' и со тоа богохулел. Но, наместо обвинетиот, убиен е човекот кој ја објавува казната - затоа што по грешка го повторува злосторството кога полн со огорченост вели дека обвинетиот рекол 'Јехова'. Во Атина во моментов се случува нова верзија на оваа сцена. Коалицијата на грчкиот премиер Алексис Ципрас е пред распад поради тоа што министерот за миграција Јанис Музалас рече 'Македонија', по што министерот за одбрана Панос Каменос утлимативно побара оставка на својот колега од владата. Во спротивно, партијата на Каменос 'Независни Грци' (Анел) се закани со напуштање на владејачката коалиција. Ципрас не би бил прв грчки премиер чија влада би се распаднала поради судир околу Македонија. И поранешниот премиер и шеф на конзервативната 'Неа Демократија' (НД), Константинос Мицотакис во 1993 година ја загуби власта поради тоа што, според мислењето на неговиот министер за надворешни работи Андонис Самарас, преблаго го водел спорот со Македонија. Самарас се бунтуваше, Мицотакис падна. Денес неговиот син Киријакос Мицотакис е шеф на НД и лидер на опозицијата, и игра улога во најновиот судир... НД беше прва која побара оставка: 'Стигнавме до точка кога мора да следува оставка на Музалас', изјави Мицотакис. Ципрас мора веднаш да го отпушти својот министер, смета тој. Кога и министерот за одбрана Каменос, чија партија 'Анел' стои десно до НД, го презеде ваквото барање поради тоа што случајот бил многу сериозен и извинување не било доволно, стана јасна сериозноста на ситуацијата... Весникот 'Елефтерос Типос' во четвртокот напиша дека реконструкција на владата е неизбежна ако Ципрас сака да ја спаси коалицијата. Веќе се вртат и имиња на потенцијални кандидати за нов министер за миграција.“

Во текстот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ се забележува дека многумина кои не се Грци сигурно ќе се запрашаат „како е можно еден министер кој Македонија ја нарекува Македонија, да биде причина за владина криза и се констатира:

„На тоа има еден шпекулативен одговор и еден валиден одговор. Прво, Каменос, кој досега беше залепен за министерската фотелја и постепено се откажуваше од своите наводни уверувања само за да остане на власт, би можел да работи на прекин со Ципрас од тактички причини. Анел во анкетите стои лошо и Каменос можеби се надева дека со едно интермецо во опозиција повторно ќе добие наклонетост пред можните нови избори. Но, тоа е шпекулација. Сигурно е дека таканаречениот спор околу името, односно грчкото настојување Македонија да не смее да се вика Македонија, до денес е политикум од прв ранг во Грција.“

Весникот во анализата дава и хронолошки преглед на настаните од Балканските војни на почетокот на минатиот век до денес и ја наведува поделбата на историскиот регион Македонија, Втората светска војна, протерувањето на илјадници Македонци од Грција, прогласувањето на независност на Македонија во 1991 година, блокадите од страна на Грција, пресудата на Меѓународниот суд на правдата во полза на Македонија. На крајот на текстот се оценува:

„Спорот околу името до денес е испробано средство за зголемување на температурата во грчките политички дебати, и тоа не само во Атина. Кој не верува дека е така, нека ја искористи својата наредна посета во омилениот грчки ресторан и нека го праша гостилничарот дали на менито има македонско вино од Скопје. Реакцијата нема да биде здодевна“, се вели во текстот на ФАЦ за грчките политички превирања и проблемот со името.

Весниците на германски јазик и денеска наголемо се занимаваат со бегалската криза. Околу улогата на Турција и однесувањето на ЕУ и Германија, весникот „Швебише цајтунг“ оценува:

„Ангела Меркел на самитот трага по решение за бегалската криза. А, најголемиот дел од останатите 27 шефови на влади чекаат да видат што ќе сторат другите. Притоа, на сите учесници им е јасно дека договор со Турција за визни олеснувања, за форсирање на преговорите за приклучување и репатријација на бегалците сигурно нема да биде славен документ за европската мисла, туку чиста реал-политика.“

„Дали Европа смее да го направи тоа?“, прашува весникот „Зиддојче цајтунг“. „Дали Германците смеат да го направат тоа (договор со Турција, н.з.), кога Турција станува сѐ понепресметлива, а нејзиниот претседател дејствува сѐ поавторитарно и поантидемократски:?Одговорот лежи во контрапрашањето: А, има ли алтернатива? Не, нема. Договор со Турција е најдобрата од сите лоши опции, затоа што можеби ќе ги запре криумчарите, на бегалците ќе им пружи заштита, нема да ја ослободи Европа од нејзината хуманитарна должност, а истовремено ќе ја прекине паниката на оние кои хистеризираат и зборуваат за пропаст на светот, што во меѓувреме стана мерило во валканиот политички бизнис.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема