1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бизарна кавга во Грција

Избор: Ж.Ацеска17 март 2016

Бидејќи рекол Македонија наместо БЈРМ, од грчкиот министер за миграција Музалас се бара оставка, пишуваат весниците. Тема е и барањето на принцот Александар Караѓорѓевиќ за враќање на Кралскиот дворец.

https://p.dw.com/p/1IEXU
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/T. Stavrakis

Весникот Зиддојче Цајтунг во денешниот коментар под наслов „Бизарна кавга“ пишува:

За жал, во Грција деновиве веќе ништо не е за смеење, особено не оваа апсурдна караница: додека во калта кај Идомени илјадници бегалци чекаат во крајно мизерни услови, владата во Атина спори околу тоа дали министерот за миграциска политика навистина смее Македонија да ја нарече Македонија. Апсурд? Грција си дозволува бизарна кавга околу името на соседната држава, што беснееше уште пред земјата да влезе во криза. Сега, заслабната од економската криза и преоптоварена од бегалската криза, овој конфликт има дури потенцијал да ја собори владата на Алексис Ципрас. Неговиот коалиционен партнер, деснопопулистичката партија Анел, предизвикува ескалација на конфликтот, иако Музалас веќе се извини. Фактот што најголемата опозициона партија Нова демократија, ја користи токму оваа караница за да предизвика паѓање на владата на Ципрас, ја покажува димензијата на очајот во грчката политика. Музалас досега едноставно само ја вршеше својата работа. Бегалската криза постави пред испит и расцеп бројни влади во Европа, а тоа ќе го прави и натаму. Но, Грците би биле први кои би ја собориле својата влада речиси преку ноќ и поради неважна ситница. Но, за жал, Грција е секогаш спремна да приреди лоши изненадувања“, констатира Зиддојче Цајтунг.

Serbien Aleksandar Karadjordjevic
Александар КараѓорѓевиќФотографија: picture-alliance/dpa

И аристократите треба да плаќаат струја

Британскиот престолонаследник, принцот Чарлс и неговата сопруга Камила во рамките на турнејата низ Балкан, вчера во Белиот дворец во Белград беа на чај кај Александар Караѓорѓевиќ, синот на последниот српско-југословенски крал. Претходно, Александар Караѓорѓевиќ на викендот влезе во конфликт со српската влада, која не сака да му го врати Белиот дворец, одземен од комунистите по Втората светска војна. Александар најави тужба пред Европскиот суд за човекови права, а српскиот премиер Александар Вучиќ остро му порача прво да ја плати сметката за електрична струја за дворецот од 70.000 евра. На оваа тема весникот Ноје Цирхер Цајтунг пишува:

„Ова е добар момент, веројатно така мислеше принцот Александар Караѓорѓевиќ, син на последниот југословенски крал: принцот Чарлс доаѓа во Белград. Зошто да не се изнесат повторно сопствените проблеми, сега под негова заштита? На крајот на краиштата Чарлс е син на кумата на Александар, кумче на кралицата Елизабета Втора“, пишува весникот во текстот под наслов „Неплатените сметки во Белград“, продолжувајќи:

„Во 1941 година, кога Германците извршија инвазија врз Југославија, таткото на Александар побегна во Лондон. Четири години подоцна, во хотелот Клариџис, се роди малиот Александар. По тој повод Винстон Черчил хотелската соба број 212 ја прогласи за југословенска територија, за Александар да може да биде признат за престонаследник. Но во меѓувреме Титовите партизани ја ослободија земјата од германските и италијанските окупатори, а не ројалистите. Тито стана шеф на државата, а кралскиот имот беше национализиран. Грижите на принцот Александар потекнуваат од ова време. Тој младоста ја помина во швајцарски интернат и живееше во различни европски земји пред во 2000. година да се врати во Белград. Во главниот град на Србија му е признато правото да живее во Кралскиот дворец на Дедиње, но не и повеќе од тоа.

Но сега, охрабрен од доаѓањето на принцот Чарлс, Александар го соопшти следното: ако српската држава наскоро не му го реституира имотот на кој има легитимно право, тој ќе биде принуден да се жали пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Сепак, тоа е сметка без крчмар. Српскиот премиер Александар Вучиќ, склон кон темпераментни испади, веднаш возврати со зборовите дека би било подобро принцот прво да плати 70.000 евра долг за струјата во својата палата. Кога ќе ги плати, тогаш нека се жали колку сака. Тоа е на место, но само делумно. Зашто, граѓаните со добро паметење се јавија по социјалните мрежи и потсетија дека пред десетина години и самиот Вучиќ беше пред суд поради со години неплатени сметки“ пишува авторот Андреас Ернст во Ноје Цирхер Цајтунг.