1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Горчлива терапија за Грција?

16 февруари 2010

За првпат во својата историја, еврозоната е принудена да преземе акција за спасување на една земја членка, поради должничката криза во Грција. Се’ почести се и повиците Грција да прифати помош од ММФ.

https://p.dw.com/p/M1HE
Фотографија: Bilderbox / DW / Montage

Тројца експерти на Германскиот институт за економија изготвија експертиза за тоа колку е голема опасноста од државен банкрот на Грција. Каматите за државните позајмици со околу седум проценти се малку пониски од оние на почетокот на 90-тите години, вели Јирген Матес, еден од авторите на студијата: „Опасноста е ако финансиските пазари станат нервозни и дојде до натамошно покачување на каматите, такашто за Грција ќе биде тешко да обезбеди нови кредити на пазарот на капитал. Ќе истекува рокот за долговите, коишто мораат да бидат рефинансирани со нови долгови, и кога за Грција тоа нема да биде веќе можно или ако воопшто, тогаш со екстремно високи камати, тогаш доаѓа до државна инсолвентност и тогаш сме соочени со проблемот за можен банкрот на државата.“

Во случај на банкрот се закануваат нови невољи

Можното презадолжување се рабира би можело да се спречи со строга дисциплина во буџетот, односно курс на штедење. Но, дури тогаш се заканува надолен тренд: помали државни давачки, помали задолжувања, помалку конзум, помалку примања од даночните обрзници, што ќе доведе до помалку јавни инвестиции итн. Тоа се не многу розови перспективи: „Ако Грција банкротира тоа би била голема катастрофа за грчката економија. Освен тоа, голема е веројатноста со себе да повлече и други држави од еврозоната.“

Symbolbild Finanzkrise Wirtschaftskrise Griechenland Flash-Galerie
Фотографија: DW/AP

Домино коцките веќе се наредени: тоа се Шпанија, Италија, Ирска и Португалија. И тие би можеле да паднат по овој редослед. „Вистинското жариште не е Грција, туку Шпанија“, напиша на пример Носителот на Нобеловата награда за економија, Паул Кругман, во неговиот блог за „Њујорк Тајмс“. Причината: Шпанија со долгови од 11,4 проценти од бруто-домашниот производ е помалку задолжена од Грција, која има 12,7 проценти долгови. Но, шпанската економија е четирипол пати поголема од грчката, согласно со тоа поголема е и опасноста. А таа опасност може да се пренесе на многу полиња, смета Јирген Матес од Германскиот инситут за економија: „Освен ова грчките државни обврзници и обврзниците на другите држави, кои се загрозени, се наоѓаат во портфолијата на банките, осигурителните компании и инвестиционите фондови. Во случај овие држави да банкротираат или во случај само Грција да банкротира, тогаш на актерите на финансиските пазари им се закануваат нови невољи, а можно е да дојде и до заострување на финансиската криза, дури до нова финансика криза. Тоа е многу темно сценарио.“

Сапсот е во ММФ?

Symbolbild Finanzkrise Wirtschaftskrise Griechenland
Фотографија: DW/AP

Отежнувачки фактор е тоа што членовите на евро клубот со здрави економии ќе го прекршат важечкото европско право доколку ја спасат Грција. Експертите од германскиот економски институт затоа советуваат горчлива терапија: Грција би требало да се пријави кај Меѓународниот монетарен фонд: „Меѓународниот монетарен фонд е специјализран за вакви случаи. Тој доделува кредити, со кои се спречува државен банкрот. Овие кредити секако ги доделува под строги услови. Тоа е веродостојно, поверодостојно од она што го имаме во Европа.“

На институциите на европската монетарна унија им недостасува пробивност за да ги спроведат мерките, а немаат на располагање ни санкции, со кои би се грижиле за дисциплина во буџетската политика на членките, велат експертите од Германскиот инситут за економија. ММФ напротив е добро подготвен на такви ситуации: „Политичкиот отпор против строгиот курс на штедење во земјата тогаш не би бил насочен кон Европа, туку кон ММФ. Тоа политички е елегантно решение, дури и ако на тоа се гледа како на извесна бламажа за еврозоната, тоа што им е потребен ММФ, а не можат самите да ги решат проблемите. Според наше мислење тоа е помалото зло, во споредба со тоа да се загрози целата европска интеграција.“

Автор: Ролф Венкел/Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска