1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција мора да штеди

16 февруари 2010

ЕУ сака на досега беспримерен начин да ја натера на ред Грција, како земја со најголеми долгови во еврозоната. Министрите за финансии одобрија радикален план за санирање на грчкиот буџет и построги контроли.

https://p.dw.com/p/M2aH
Фотографија: picture alliance / dpa / DWMontage

Грција, според желбата на европартнерите, мора без одлагање да започне со санација на државниот буџет. Доколку до средината на март биде констатирано дека резовите не се доволни, владата во Атина мора да посегне по нови мерки, соопшти претседателот на еврозоната, Жан Клод Јункер. Министрите за финансии на еврозоната во Брисел се изјаснија за намалување на платите на државните службеници и пензиска реформа во Грција, како што предложи Европската комисија. Дополнителен чекор би можел да биде и зголемувањето на данокот на додадена вредност.

Euromünze / Euro / Griechenland / NO-FLASH
Фотографија: DW

Амбициозна цел

Само во тековнава година, Грција треба дефицитот од 12,7 проценти од брутовнатрешниот производ на земјата да го намали за 4 проценти. Оваа цел е прилично амбициозна, но грчкиот министер за финансии Јоргос Папаконстатину уверува дека неговата земја сака да ги исполни желбите и очекувањата на ЕУ. Тој меѓутоа моли за трпение, зашто неговата влада сака да го смени курсот на Титаникот, но тоа не е можно во еден ден. Според правилата на еврозоната, дозволен е дефицит од максимално три проценти од брутовнатрешниот производ.

Со оглед на тоа што грчкиот долг е големо оптоварување за еврозоната и ја загрозува стабилноста на еврото, ЕУ земјите, во краен случај, сакаат да стават на располагање инструменти за поддршка на Грција, но за тоа не сакаат да зборуваат во јавноста: „Не сметаме за мудро да се зборува јавно за сите овие инструменти. Финансиските пазари тешко се лажат ако мислат дека можат да ја доведат Грција на колена“, вели шефот на еврогрупата, Жан, Клод Јункер.

Засилени контроли

Symbolbild Finanzkrise Wirtschaftskrise Griechenland
Фотографија: DW/AP

Поради практиката на „фризирање“, односно фалсификување на грчката должничка статистика во последните години, ЕК сака да ја засили и контролата преку европската служба за статистика Еуростат. Тоа е неопходно заради функционирањето на еврозоната и за меѓусебна доверба во рамките на ЕУ, истакнува еврокомесарот за економија, Оли Рен.

Грција есеноска непријатно ги изненади европските држави со разоткривањето на огромниот дефицит во буџетот, што го соопшти новата социјалистичка влада.

Автор: ЖА/ТТ/дпа/ројтерс/афп

Редактор: Александра Трајковска