1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина го загрозува Балканот

Обработка. Е.М. Фиданоска3 јули 2015

Мизеријата во Грција, може да ги зарази и соседните земји, дури и оние кои не се членки на ЕУ, пишува денеска „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. За влијанието на грчката криза во соседните земји пишуваат и други медиуми.

https://p.dw.com/p/1FsJF
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Messinis

Последиците од грчката криза во регионот краткорочно може да се држат во граници, но одредени бранши и трговски партнери би можеле видливо да страдаат од грчки банкрот, се наведува во текстот со наслов „Атина ја загрозува Источна Европа“ на весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, кој се повикува притоа на податоци изнесени од Институтот за меѓународна економска споредба од Виена. Во текстот натаму се вели:

„Атина е важен извозен партнер за Албанија, Бугарија и Македонија. Не може да се исклучи и подружниците на грчките банки да се соочат со проблеми. На таа опасност укажува и Симеон Дјанков, поранешен бугарски министер за финансии и актуелен директор на Школата за економија НЕС во Москва. Во Бугарија и Албанија грчките банки имаат три подружници, во Србија и Романија по четири, на Кипар пет, а во Македонија две. Во Бугарија и во сите балкански земји, освен Романија, Грците држат речиси една четвртина од сите трговски кредити и банкарска актива. ’Затоа нивното повлекување би имало големи последици’, предупредува Дјанков. Во изминатите 10 години Грците беа едни од највеликодушните кредитори во Југоисточна Европа. За разлика од порано, сега речиси и нема конкуренти кои би го зазеле нивното место. Неверојатно, поради слабоста на банките, е и трети понудувачи да ги преземат подружниците: австриските банки се повлекуваат од Источна Европа, руските се под товарот на санкциите од ЕУ, а турските страдаат од аномалиите на сопствениот пазар“, оценува ФАЦ.

„Шпигел Онлајн“ на истата тема пишува:

„Експертите внимателно ги набљудуваат балканските земји. Постои ризик штедачите таму да загубат доверба во грчките банки и да си ги подигнат заштедите, пишува американската банка Морган Стенли во една анализа. Сепак, банките во балканските земји имаат грчки сопственици, но се самостојни претпријатија. Освен тоа, заштедите се заштитени и преку локални осигурувања на заштеди. Во Бугарија, според Морган Стенли, 70% од сите заштеди се опфатени со ваква сигурносна мрежа. Се чини тоа им е доволно на штедачите, зашто досега нема навалица на автоматите за пари. Втората опасност демне во самиот банкарски сектор. Ако на грчките банки им снема пари дома, тие би можеле да дојдат на идеја да се послужат кај своите подружници во странство. Меѓутоа, тоа споредено со евентуално подигање на пари од страна на штедачите, би бил мал износ, оценува Морган Стенли.“

Весникот „Ноје цирхер цајтунг“ денеска под наслов „Разбеснетата левица“ пишува за обидот на сојузот „Солидарност со Грција“, составен од социјалдемократите, зелените и синдикатите во Швајцарија, да испровоцира дебата за Европа и да мобилизира граѓани против европскиот финансиски свет и неговите „политички лакеи“:

„Кој е виновен за мизеријата на Грција? Сигурно не е левичарската влада, предводена од Алексис Ципрас, смета сојузот ’Солидарност со Грција’. Јозеф Ланг, кој се вбројува во промоторите на швајцарската „про Ципрас“ екипа, вели вака: ’Една левичарска влада во ЕУ е толерирана само додека води десничарска политика’. На тоа швајцарската левица мора да се спротивстави, бара Ланг, зашто: ’Европската политика дејствува само во интерес на капиталот’. Сојузот ’Солидарност со Грција’, кој се формираше во претходните денови, цели во спротивна - антикапиталистичка - насока... (Сојузот) мобилизира граѓани со забрзано темпо - за Грција, против Европската Комисија, против ММФ и против ЕЦБ. Но, швајцарскиот левичарски сојуз е насочен пред се‘ против политичките експоненти кои вршат притисок врз Грците со ’должнички диктат’. Вербалното силење притоа не изостанува. Така, политичарите на Еврогрупата се дискредитирани како ’лакеи’ на Централната банка и на ММФ. И уште полошо: социјалистот Седрик Вермут својот идеолошки германски колега Зигмар Габриел преку булеварскиот весник ’Блик’ го прогласи за ’мизерен популист’, затоа што тој преку булеварскиот весник ’Билд’ наводно подгревал ’националистичко расположение’ против владата на Сириза. Антикапиталистичката возбуда која ја предизвикуваат првите луѓе на швајцарската про-Сириза алијанса, има нешвајцарска острина... Разбеснетата швајцарска левица бара: ’Доста е со уништување на демократијата од страна на неолиберланите сили!’ Јозеф Ланг дополнува: ’Политиката на ЕУ во моментов е понеолиберална од швајцарската политика’.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема