1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наскоро процесирање на лицата од црната листа на САД?

26 декември 2023

Координативното тело направило драфт-предлог со поефикасни мерки за борба против корупцијата, кој наскоро ќе биде ставен на разгледување.

https://p.dw.com/p/4aa3I
Санкциите од САД ќе бидат процесирани во македонското законодавство, најавуваат властите
Санкциите од САД ќе бидат процесирани во македонското законодавство, најавуваат властитеФотографија: Britta Pedersen/dpa/picture alliance

Подготвен е драфт - предлог на измените на Законот за рестриктивни мерки, кој меѓу другото, е дополнет и со процедура врз чија основа санкции од САД ќе бидат процесирани во македонското законодавство, најави вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.  

Предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки беше иницијатива токму на Грковска, што таа ја најави на крајот на ноември. Целта на законските измени е да се овозможи санкциите изречени од САД кои се однесуваат на корупцијата и организираниот криминал, да можат да се применат и во нашата држава, а назначените субјекти да подлежат на санкции согласно со домашното законодавство.

„Република Северна Македонија и САД имаат потпишано Договор за стратешко партнерство, кој во еден дел се однесува на борбата со корупцијата и организираниот криминал. И токму затоа ја поткренав таа иницијатива - во Законот за рестриктивни мерки да се прошири опсегот на тие мерки, да се однесува за борба против корупцијата, организираниот криминал и тероризам, а Координативното тело одлучи тоа да се однесува и за хибридните дејствија против државата. И да се олесни законската процедура, според македонскиот легален систем - оние лица кои се ставени на црна листа, да се процесираат во македонското законодавство“, рече Грковска во вчерашното гостување на Националната радио-телевизија.

Македонската вицепремиерка задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска 
Македонската вицепремиерка задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Искреност или флоскула?

Координативното тело веќе ги разгледало предлозите и направило драфт-предлог кој дава поефикасни мерки за борба против корупцијата и тој наскоро ќе биде ставен на разгледување. Оваа иницијатива била поздравена и од страна на координаторот на Стејт Департментот на САД за глобално спречување на корупцијата, Ричард Нефју, со кого Грковска одржа средба во рамки на Конференцијата на земји потписнички на Конвенцијата на ОН против корупцијата.
На прашањето дали очекува поддршка од опозицијата за усвојување на измените на законот, вицепремиерката смета дека ќе се покаже кој е искрен во заложбите за сузбивање на корупцијата.

„Во државава ретко ќе наидете на некој којшто ќе каже дека не се залага за борба со корупцијата. Но, кога станува збор за вакви предлози и конкретни решенија кои одат во насока на поефикасна борба со корупцијата, ќе се види на дело кој е искрен во тие заложби, а кому тоа му е само флоскула“, рече Грковска.

Додека се подготвуваат законските измени, јавното поведение на некои од партиите не открива дека нешто се сменило барем во односот кон лица од црната листа. Пред неколку дена ТВ 21 објави снимка од партиски настан на ДУИ, на која е присутен и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко. Кога Мерко беше ставен на црна листа на САД, од ДУИ соопштија дека „на барање на Мерко, му се замрзнува членството во партиските органи“. И покрај замрзнатата партиска активност, тоа не било пречка тој да присуствува на настан во организација на ДУИ.

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко е едно од лицата на американската црна листа
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко е едно од лицата на американската црна листаФотографија: Petr Stojanovski

Најслабата алка

Битката против корупцијата бара ангажман од сите, а според Грковска, клучно е да се охрабрат судиите и обвинителите.

„Факт е дека најслабата карика во борбата против корупцијата и организираниот криминал се детектира во правосудните органи, што е нотирано и во Извештајот на Европската Комисија“, вели вицепремиерката.

Според неа, сите активности одат во насока да се охрабрат чесните судии и обвинители и да се поттикне уривање на нивна солидарност со мал број нивни колеги, кои ставаат црна дамка на целата фела.

„Сѐ додека самите судии и обвинители не се охрабрат јавно да ги посочат оние нивни колеги за коишто знаат, за коишто имаат докази дека се вклучени во коруптивни дејанија, нема да има поправка во правосудниот систем. Таквата неподготвеност на судиите е заради немањето доверба во Судскиот совет, како највисоко тело кое од една страна треба да биде коректор на судиите кои не си ја вршат работат, а од друга, да ги наградува според еден правилен и правичен мерит систем оние кои професионално си ја вршат работата“, истакна вицепремиерката.

Ќе биде објавена листа

Како во претходните, така и во годинава што изминува, корупцијата беше детектирана како најголем проблем кој го кочи напредокот на државата. Политичкото влијание во институциите, неказнивоста и неспроведувањето на препораките и укажувањата на регулаторните тела, особено на ДКСК, се дел од причините за неефикасноста во борбата против корупцијата.

Кои се причините за неефикасноста на бробата против корупцијата?
Кои се причините за неефикасноста на бробата против корупцијата?Фотографија: Ute Grabowsky/photothek/picture alliance

За илустрација, од Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси во 2021 година биле спроведени само 20 отсто од препораките, а во 2022 само 10 отсто, што значи дека процентот на реализација се намалува.

Кога станува збор за односот кон антикорупциските практики, илустративен е примерот кој неодамна го наведе претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска. Функционери и институции платиле парични казни поради тоа што не доставиле документи кои од нив ги побарала ДКСК, но и по платената казна повторно не ги доставиле бараните документи.

Ивановска најави дека ДКСК ќе објави листа за тие случаи.

„Таа листа ќе ја објавиме како за крај на мандатот - ќе гледате, ќе читате кои биле тие институции или поединци коишто и покрај тоа што добиле барање за документи, повторно не ни ги доставиле“, најави Ивановска.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи