1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петровска ги поддржува одлуките на САД за црната листа

ДТЗ
14 декември 2023

Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека не гледа задна намера во пораките од САД за проширување на црната листа. Порачува дека и македонските институциите треба поагилно да реагираат.

https://p.dw.com/p/4a95W
Министерката за одбрана Славјанка Петровска
Министерката за одбрана Славјанка Петровска не гледа задна намера во пораките од САД за проширување на црната листаФотографија: MOD North Macedonia

Најавите на САД за засилена борба против корупцијата и проширување на „црната листа“ наидоа на поддршка од страна на министерката за одбрана, Славјанка Петровска. Таа вели дека корупцијата претставува безбедносно прашање, поради што борбата против неа не треба да биде само декларативна. Таа очекува во иднина институциите во земјата поагилно да реагираат.

Ваквата изјава следи откако американската амбасадорка во земјата, Анџела Агелер, предупреди дека има епидемија на корупција во земјата. Дека во последните 10 години има значително зголемување на корупцијата потврда е и  „црната листа“ на САД на која, само во последните 8 месеци, се најдоа повеќе познати имиња на политичари и бизнисмени. Според Агелер, оваа листа е обид да им се помогне на македонските власти да почнат да се справуваат со проблемите. 

„Нема задна намера“ 

Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека не гледа задна намера во пораките на Анџела Агелер и од претставниците на САД, туку напротив, „тие само одат во поддршка на сето она што ние како држава и како општество се обидуваме да го направиме“.

Одговарајќи на прашањето како најавата на амбасадорката Агелер за нови имиња на „црната листа“ влијаат на македонските евроинтеграции, Петровска пред почетокот на регионалната конференција „Мир и просперитет на Западниот Балкан“, рече:  

„Сите ние сме сведоци низ какви премрежија поминавме и во блиската и во подалечното минато, какви се’ одлуки моравме да донесеме коишто можеби на моменти беа тешки и политички предизвикувачки. Сепак, беа донесени за да можеме да ги оствариме нашите стратешки цели. Во сите оние пораки кои ги слушавме и вчера, меѓутоа и во изминатите денови и од амбасадорката и од претставниците на САД јас не гледам задна намера“. 

Анџела Агелер
Амбасадорката на САД, Анџела Агелер предупреди дека има епидемија на корупција во земјатаФотографија: Reg. Nordmazedoniens

Безбедносно прашање

Како министерка за одбрана и пред се како граѓанин, таа вели дека корупцијата претставува безбедносно прашање.„Ако немате контрола на тој сегмент од општеството, не можете никогаш да бидете сигурни каде тие пари ќе завршат, кого се ќе финансираат и на каков момент. Не зборуваме за големи дестабилизации, меѓутоа во даден момент можат да ја дестабилизираат државата на каков било начин. И ова не го зборувам само за Северна Македонија, туку каде било“, вели Петровска.

Таа очекува во иднина македонските институциите поагилно да реагираат. „Се работи и на измена на законодавството со кое што во иднина против лицата кои ќе се најдат на црни листи или на каков било начин ќе претрпат санкции, дали тоа ќе биде од ЕУ или од нашите стратешки партнери, ќе можат веднаш да бидат преземени мерки и во РСМ. Ова е само еден мал сегмент, меѓутоа навистина е значаен ако сакаме навистина да се справиме со корупцијата“, рече Петровска.

Црната листа на САД, на поранешни и актуелни функционери и бизнисмени осомничени за корупција, непрекинато расте од април 2022 година, кога на неа, најпрво, се најдоа експремиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков. Во јуни годинава следуваше и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а по него бизнисменот Јордан Камчев со неговата мајка Ратка, како и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина. Паралелно и неколку нивни компании беа блокирани.

На 5 декември, САД го ставија и поранешниот вицепремиер, Кочо Анѓушев на црна листа поради „значителна корупција“. На Анѓушев и неговото семејство им е забранет влез во САД. Тој порача дека е чист и дека ќе се жали на одлуката.