1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекот за македонското образование: реформа или ремонт?

Лука Павиќевиќ е македонски истражувач и активист.
Лука Павиќевиќ
22 јули 2023

Со децении во македонскиот образовен систем една реформа заменува друга. Исходот од сите е ист: Учениците континуирано знаат помалку! Каде е лекот? Пишува Лука Павиќевиќ

https://p.dw.com/p/4UDQb
Македонија Училиште
Лекот за македонското образование: реформа или ремонт? Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Македонскиот образовен систем се соочува со низа проблеми поврзани со квалитетот. Во ваков амбиент на колективна луцидност многу општествени чинители во јавната сфера ги изнесуваат своите амбициозни визии за подобро образование.

Една реформа е проследена со друга, проблемите се провлекуваат, а средниот успех на македонските ученици на PISA тестирањето во 2018 година е на дното на Балканот. Оттука, дали лекот се крие во само уште една реформа или пак треба да се направи ремонт на сегашната состојба за да се определи точната дијагноза?

Фамозниот „Кембриџ“

Хронолошки гледано, треба да се започне со воведувањето на „Кембриџ“ програмата – најголемата реформа на образовниот систем на претходната владејачка структура. Од денешна гледна точка е кристално јасно дека огромното мнозинство граѓани ја смета оваа програма за неуспешна. Уште поважно, и статистичките податоци покажуваат дека таа не ги дала посакуваните резултати. Зошто?

Често забораван факт е дека само мал дел од наставните предмети во основното образование ја следеа „Кембриџ“ програмата – главно Математика и Природни науки, што кажува дека некаква модернизација била направена за овие предмети, додека учебниците за другите наставни предмети биле создавани според друга методика и филозофија на образование.

Исто така, не треба да се заборави дека наставните програми во средното образование не беа прилагодени на промените во основното. Оттука, реформата создаде дискрепанција не само меѓу предметите во основното образование, туку меѓу основното и средното образование. Ваквата неусогласеност на наставните очекувања нè доведе до целосна збунетост на системот: основците учеа по „Кембриџ“, а истите ученици кога ќе преминеа во средното образование учеа по „старата програма“. 

Училница
Квалитетната и современа наставна програма и соодветните инфраструктурни услови се комплементарни: едното не може без другото! Фотографија: Frank Molter/dpa/picture alliance

За волја на вистината, учебниците од „Кембриџ“ ја отсликуваа токму новата, глобална струја во образованието: помалку факти, повеќе нивно применување. Во тој поглед, можеби учебниците и не беа толку неквалитетни како што беа претставени. Да, во споредба со старите учебници, во новите присуството на фактографските податоци беше оскудно.

Но, од друга страна, пак, факт е дека секоја лекција беше проследена со дополнителни истражувачки прашања и лабораториски вежби (примена на наученото). Во пракса, тие беа секогаш прескокнувани.

Овој случај совршено доловува две вистини. Квалитетната и современа наставна програма и соодветните инфраструктурни услови се комплементарни: едното не може без другото! Кога бројот на училишта во Македонија со лаборатории се броеше на прсти, како можеше да се очекува дека наставниците ќе спроведуваат вежби? Проектот „Компјутер за секое дете“ не вреди ни да се спомне.

Понатаму, недостасуваше искрена и целовита работа со наставниот кадар за да можат наставниците реформата да ја спроведат онаму каде што и таа треба да се примени – во училницата. Учениците не искусија зголемена примена на наученото за сметка на намалениот волумен податоци, та добија само помалку знаење.

Новата Концепција за основното образование 

Ако претходната власт во образованието ја помниме поради „Кембриџ“, тогаш со сигурност може да се каже дека на граѓаните асоцијација за оваа власт во образованието им е „новата“ Концепција за основното образование.

Факт е дека современото квалитетно образование не познава толку голем број наставни предмети каков што има во Македонија. Наместо 13 или 14 предмети, европските ученици изучуваат 6-8 предмети секоја година.

Интердисциплинарноста е заедничка особина на најразвиените образовни системи ширум Европа. Наместо Биологија, Хемија и Физика како посебни предмети, овие дисциплини во основното образование се интегрираат во еден предмет – Природни науки, а предметите со хуманистичко-општествен предзнак се спојуваат во предмет најчесто нарекуван Општествени студии (Social Studies).

Ова се факти, а велат дека пред нив и боговите молчат, но колку навистина македонскиот образовен систем беше подготвен за ваков подвиг? Не бевме и не сме. За ова тврдење најгласно сведочи ноторното отсуство на учебници. Се тргна во огромна реформа на образованието, а притоа учебниците насушно потребни за спроведување на истата не беа целосно подготвени. 

Предлог за реформа на реформата во образованието

Иако Концепцијата претрпи измени во насока на нејзино постепено спроведување, учебници се напишаа брзо и дилетантски, па Албанија одеднаш ни стана источен сосед. Исто така, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го прогласи МОН за дискриминатор бидејќи спровел повеќекратна и продолжена дискриминација врз учениците од петто одделение кои следат настава на македонски наставен јазик, бидејќи не им обезбедил учебник по Македонски јазик и литература.

Проблемот со учебниците е резултат на дамнешниот момент кога Министерството од оценувач на ракописи се претвори во издавачка куќа и во печатница, а обидот за воведување дигитални учебници стана жртва на реалноста (и) на коалициско-политичките финансиски интереси. Сепак, кога стана јасно дека не може ситуацијата да се адаптира на Концепцијата, требаше првин да се обезбедат учебници, па дури потоа да се тргне кон спроведување. 

Лука Павиќевиќ
Лука Павиќевиќ е македонски истражувач и активист. Тој е поранешен претседател на Сојузот на средношколциФотографија: Privat

Како и претходно, така и со оваа Концепција средното образование остана недопрено од реформските зафати.

Втората голема пречка за оваа реформа е неподготвеноста и неволноста на наставниот кадар истата да ја имплементира. Брзо по нејзиното објавување, во јавноста се наметна еден антагонистички, неконструктивен и донекаде исполитизиран дискурс.

Наставници кажуваа дека на нивните дипломи пишува „дипломиран професор по Биологија“, а не „дипломиран професор по Природни науки“. Иако темпото на современото живеење јасно ја наметнува потребата секој професионалец континуирано да ги надоградува своите знаења, тие сепак се во право зашто нивното високо образование ги подготвило да предаваат една, а не повеќе научни дисциплини.

Оттука, клучот за ефикасно (долгорочно) спроведување на оваа реформа беше во педагошките факултети. Наместо квалификации за специфични наставни предмети, тие требаа да нудат квалификации од поопшт карактер, односно за новите, интердисциплинарни предмети.

Во спротивно, интердисциплинарноста ќе се трансформира во една намалена мултидисциплинарност. Наместо основното образование да го содржи најважното и заедничкото (inter – „меѓу“) од овие диспциплини, ќе дојдеме до тоа еден месец да се изучува Физика, друг месец Хемија итн. (multi – „повеќе“). Конфликтот со наставниците ја запечати судбината на новата Концепција.

Исходот? Повторно учениците ќе знаат помалку.

Заклучок

Немањето волја конкректниот реформски зафат да се спроведе континурано и во сите нивоа на образование, недостатокот од соодветни капитални и инфаструктурни инвестиции и отсуството на сериозно обучување и подготвување, но и консултирање со наставниот кадар, се заедничките причини зад неуспешноста на обете реформи.

Секој иден обид за подобрување на македонскиот образовен систем ќе мора да ги адресира овие три причини, ако навистина е искрен.  

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Лука Павиќевиќ е македонски истражувач и активист.
Лука Павиќевиќ Лука Павиќевиќ е македонски истражувач и активист. Поранешен претседател на Сојузот на средношколци.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи