1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десет препораки за справување со насилството во училиштата

ДТЗ
16 мај 2023

Се ограничува употребата на мобилните телефони, се размислува за враќање на униформите во училиштата и се предлагаат правила за облекување на наставниците - најави министерот за образование Јетон Шаќири.

https://p.dw.com/p/4RS2p
Јетон Шаќири министер за образование
Владата усвои сет препораки за да се подигне безбедноста во училиштата и да се спречи меѓуврсничкото насилствоФотографија: Government of North Macedonia

Ограничување на користењето на мобилните телефони во училниците, училишни униформи, кодекс за облекување и на наставниците и стручните служби, редовни состаноци и консултации како да се подобри безбедноста во училиштата - се само дел од десетте препораки коишто ги усвои македонската Влада на денешната седница, а кои се наменети првенствено за училиштата. Целта е во овој исклучително сензитивен период да се реагира внимателно и правилно, со цел да се подигне безбедноста во училиштата и да се спречи меѓуврсничкото насилство. Алармот за борбата против меѓуврсничкото насилство и булингот се вклучи по неколкуте немили настани во Белград и во регионот. 

„Верувам во ефикасноста на мерките“, вели министерот за образование и наука, Јетон Шаќири кој на прес-конференција истакна дека со препораките ќе се зачува мирот во училиштата и ќе се гради хармонична училишна средина. Мерките се резултат на широк процес на консултации со бројни засегнати страни и со добиени сугестии и мислења од академската фела и експертската јавност.

„Им препорачуваме на сите локални самоуправи во соработка со  Меѓуопштинските центри за социјална работа да формираат стручни тимови на ниво на општина во чиј фокус на работа ќе бидат разговори поединечно со секое дете/ученик во секое училиште. Втората препорака е за Државниот совет за превенција на детско престапништво во следниот период да ја засили комуникацијата со Министерството за образование и наука во насока на преземање активности за градење на клима на доверба и добросостојба во училиштата“, вели Шаќири. 

Униформите се враќаат во училиштата? 

Со третиот заклучок им се укажува на сите основни и средни училишта да одржат состаноци со сите родители/старатели на тема подобрување на процесите, безбедноста, организацијата и состојбите во училишните објекти и околината. На состаноците, како што информираше Шаќири, потребно е да се отвори темата дали се потребни училишни униформи како кодекс на облекување на учениците, родителите да се запознаат со етичкиот кодекс на наставниците, како и да се размисли за надополнување на постоечките кодекси со правила за облекување на наставниот кадар и стручните служби.

Во кризни ситуации кои можат негативно да влијаат на однесувањето на учениците, потребно е менаџментите, наставниците и стручните служби да одговорат соодветно, да дискутираат и да влијаат на менталната состојба на младите, да понудат поддршка за надминување на предизвиците и да овозможат смирување на несигурноста и задржување на чувството на безбедност во училиштето.

настава ученици
Се ограничува употребата на мобилните телефони, се размислува за враќање на униформите во училиштата и се предлагаат правила за облекување на наставницитеФотографија: Sean Gallup/Getty Images

Протокол за мобилни телефони

Училиштата ќе треба да направат протокол за начинот на користење на мобилните телефони на учениците и наставниците за време на часовите и во просториите на училиштата. Користење на мобилните телефони во училниците потребно е да се ограничи со цел да се поттикне дискусија, размена на идеи, отворени разговори, фокусирање на содржината на учење и друго, вели Шаќири.

Шестата препорака се однесува на МОН и Бирото за развој на образованието кои треба да подготват листа на ресурси за кои ќе се дискутира на одделенски/класен час помеѓу наставниците и учениците, а ќе служат за унапредување на добросостојбата на учениците. Со седмата препорака им се укажува и препорачува на општините и на Град Скопје во новата Годишна програма за работа на училиштата да се развијат превентивни програми за промоција на добросостојбата на учениците, заштита од насилство, злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, соработка со родителите. Исто така, потребни се и активности за развивање на емоционални вештини и компетенции, за намалување од ризикот од психолошки нарушувања, појава на анксиозност и депресивност, а посебен фокус да има кон учениците кои се под зголемен ризик.

Следните препораки се однесуваат на училиштата кои треба да  обезбедат континуирано непречени услови за стручните соработници да се фокусираат на училишната клима, грижата за менталното здравје и добросостојбата на учениците, а тоа значи да имаат просторни услови за поединечни средби со учениците во секој момент. 

Препораките почнуваат да важат веднаш. Шаќири апелираше целосно да се почитуваат,  бидејќи заедничка е одговорноста за одржување на мирот и безбедноста во училиштата и за справување со врсничкото насилство.