1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не се „европски“ тие кои се надеваат на спас од Груевски

6 ноември 2023

Граѓаните се тие кои ќе проценат кој е европски само по име, а кој е европски според посветеност, принципи и вредности, вели лидерот на Алтернатива

https://p.dw.com/p/4YRIh
Африм Гаши, Северна Македонија
Африм Гаши: Како може да зборуваат со европски придавки тие кои се надеваат на спас од Никола Груевски?Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Мора како општество сите да се организираме, а нашите европски сојузници да ни помогнат да не дозволиме уцена на судиите, бидејќи после тоа нема да има никаква смисла ниту демократијата, ниту поимот „правна држава“, вели во разговор за ДВ  лидерот на Алтернатива, Африм Гаши,  околу притисоците врз Врховниот суд да се донесе ново начелно мислење со кое ќе се оживее аболицијата од Ѓорге Иванов.

Гаши заедно со лидерите на Движењето Беса и на Демократско движење, Билал Касами и Изет Меџити, пред четири дена на заедничка прес-конференција предупредија за политички притисоци врз Врховниот суд, со цел да се издејствува нов начелен став на судот, кој ќе овозможи враќање на Никола Груевски.

„ДУИ и одредени поединци  кои се инсталирани во раководството на таа партија, продолжуваат да вршат невиден притисок врз судиите во овој суд. Ова е уште еден показател дека ДУИ не е заинтересирана за ЕУ и за уставните промени (...) Според наши информации деновиве се подготвуваат за ново барање до нов судија, за по секоја цена да се врати Груевски“, рече Меџити.

Еден ден подоцна, за постоењето на политички притисоци говореше и  претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми,  во интервју за „Сакам дакажам.мк."

„Вмешувањето на политиката во судството во нашата држава е присутна појава и тоа е веќе нотирано како проблем кој ја нарушува неговата независност. Факт е дека не се почитува уставното начело на поделба на власта. Постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти, поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт. Но ние како Врховен суд и како највисок суд во државата не дозволуваме и не смееме да дозволиме преку таквите обиди да се наруши независноста на судството и со тоа да падне угледот и авторитетот на Врховниот суд“, рече Адеми.

Врховен суд Северна Македонија
Врховен суд - мета на политички притисоци, предупредија Гаши и лидерите на Движењето Беса и на Демократско движење, Билал Касами и Изет МеџитиФотографија: DW/P. Stojanovski

И ние добиваме информации за притисок

Од каде беа сознанијата на трите партии од опозицискиот блок на Албанците за вакви притисоци?

„За овој притисок јавноста беше информирана од самите судии, дури и од претседателка на Врховниот суд, но и ние добиваме информации за притисок кој се врши врз нив. Ако во 21. век, во една држава која очекува отворање на преговори за членство во Европската унија, Владата врши притисок врз судството, во нашиот случај врз Врховниот суд, тоа е алармантно и значи дека мора да се интервенира што поскоро. А, кога веќе знаеме за темата на притисокот - да се врати аболицијата на Иванов - со цел да се аболира Никола Груевски и фамилијата, тоа станува уште пострашно. Тука мора сите како општество да се организираме, треба нашите европски сојузници да ни помогнат, да не дозволиме уцена на судиите, бидејќи после тоа нема да има никаква смисла ниту демократијата, ниту поимот ‘правна држава’, вели лидерот на Алтернатива во разговор за ДВ.

Партијата што ја предводи Гаши, заедно со Демократско движење и Беса, вчера го официјализираа заедничкиот настап во коалициски опозициски фронт под името „Европски сојуз за промени“. Дали со тоа име испратија порака - дека владејачките партии немаат право да го монополизираат наративот дека тие се „европски фронт“?

„Со придавката ‘европски’ сакаме да правиме дистинкција кои сме ние и за што се залагаме. Притоа, не само што се сомневаме во нивниот европски слоган, туку досега сме давале повеќе опипливи аргументи дека тие најмалку се посветени на европски вредности, а тоа веќе го потврдуваат и некои амбасадори на многу важни земји од Европската унија во нашата земја. На крајот, граѓаните се тие кои ќе проценат кој е европски само по име, а кој е европски според посветеност, принципи и вредности. А ако зборуваме на тема монопол, нивниот единствен монопол може да биде корупцијата и криминалот, за што секако може да се гордеат.  Како може да зборуваат со европски придавки  тие кои се надеваат на спас од Никола Груевски?“, прашува Гаши.

Северна Македонија ЕУ знамиња
Гаши: На крајот, граѓаните се тие кои ќе проценат кој е европски само по име, а кој е европски според посветеност, принципи и вредностиФотографија: Government of North Macedonia

Приоритет - борбата против криминалот

Оваа коалиција на парламентарните избори ќе настапи со заеднички листи, но и со заеднички кандидат на претседателските избори. Главна цел ќе им биде борбата со корупцијата и испраќање на ДУИ во историјата. Според Гаши, промовираната коалиција не е само коалиција на три партии, туку повеќе од тоа.

„Ние објавивме коалиција со секој граѓанин кој не се сложува со политиките на оваа Влада и кој посакува европска иднина. Затоа очекуваме поддршка од секој што верува во овие вредности, било да е политичка партија, невладина организација, граѓанско движење, интелектуалци, уметници, спортисти и т.н.“, објаснува тој.

Тројцата лидери вчера потенцираа дека не постои алтернатива за евроинтеграциите, но и дека не отстапуваат од нивното барање формулацијата „20 проценти“, да биде заменета со „албански јазик“.

Оттука, клучно е прашањето - дали со етнички или граѓански теми ќе се обидат да ја добијат довербата на граѓаните?

„Борбата против криминалот и корупцијата  и заложбата за побрз економски развој и повисок животен стандард ќе бидат приоритети на нашето програмско и политичко делување. Исто така, ќе се заложиме силно за воспоставување на правната држава и за темелна реформа во образованието и за радикално подобрување на здравстениот систем. Но, за жал, бидејќи имаме една албанска партија, останата од времето на режимот на Груевски, која е лидер за корупција и криминал, тоа можеби наликува на етничка борба, но ние начелно сме посветени за постигнување на нашите програмски цели и во битката со секој што посегнува по имотот и животот на граѓаните. А бидејќи како држава сме организирани на етнички политички организации, иако се обраќаме до албанскиот гласач, тоа на никој начин не исклучува никого. Напротив, очекуваме подршка од сите граѓани во нашите напори за борба против криминалот и корупцијата.

А ако со вашето прашање мислите на нашето залагање и за етнички теми, морам да потенцирам дека и во тоа сме внимателни. Да се залагаш мајчиниот јазик да се именува достојно, а не со навредливи поими, тоа е толку европско, ако не и повеќе, од заложбата да се вметнат Бугарите во Уставот. Секако, ниту криеме, ниту глумиме - ние сме коалиција на  албански партии  кои се залагаат за европски промени. Појасно од ова не може да биде“, вели Африм Гаши.