1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гаши: ДУИ е веќе кула од карти која секој ден пропаѓа!

23 јуни 2023

„Сеопфатна истрага од институциите“ за Мерко, е еуфемизам за одолговлекување, судски лавиринти, застарување на дела и саботажа на судски процеси, оценува лидерот на Алтернатива

https://p.dw.com/p/4SyCV
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши (архивска фотографија)
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши (архивска фотографија)Фотографија: Petr Stojanovski /DW

ДУИ вчера го прекина дводневниот молк, откако нивниот партиски функционер и градоначалник на Струга во четвртиот мандат, Рамиз Мерко, со одлука на Стејт департментот се најде на црната листа на САД, заедно со членовите на неговото семејство. Според образложението на Стејт департментот, причина за таквата одлука била „инволвираноста на Мерко во значителна корупција: како градоначалник на Струга злоупотребил финансиски средства и се мешал во судски и други јавни процеси, оштетувајќи ги демократските институции и официјални лица во Северна Македонија".

Мерко не поднесе оставка на функцијата, а ДУИ презентираше три партиски одлуки, што произлегоа по одлуката на Стејт департментот. Анализа на тие одлуки побаравме од лидерот на опозициската Алтернатива, Африм Гаши. 

ДВ: ДУИ побара институциите веднаш да започнат сеопфатна истрага за Мерко, за сите тврдења  од одлуката на Стејт департментот". Како го оценувате ова барање „веднаш“, наспроти постапките против Мерко кои чмаат со години?

Африм Гаши: Најпрвин треба да објасниме што се подразбира под поимот „сеопфатна истрага од институциите“. Да имавме ние достојни институции за истрага, не ќе требаше Соединетите Американски Држави да ни покажат кој е корумпиран и кој влијае врз правосудството. Ние знаеме дека кај нас институциите, особено од областа на правото, се заробени токму од ДУИ, за што ние постојано сме повикувале и посочувале, а сме имале забелешки и од американската амбасадорка во Скопје. Затоа кај нас поимот „сеопфатна истрага од институциите“ е еуфемизам за одолговлекување, судски лавиринти, застарување на дела, саботажа на судски процеси и т.н. За жал, Северна Македонија стана заробена држава на бизнис-кланот на тесното раководството на ДУИ, на кои им успеа да имаат голема сила над институциите, а како што се информираме последните денови, семејствата на Ахмети и Груби влегуваат сега во скапи бизниси на стотици милиони евра, кои сигурно не се постигнати со просечна државна плата.  

Африм Гаши вели дека Северна Македонија станала заробена држава на бизнис-кланот на тесното раководство на ДУИ (на фотографијата)
Африм Гаши вели дека Северна Македонија станала заробена држава на бизнис-кланот на тесното раководство на ДУИ (на фотографијата)Фотографија: DW/P. Stojanovski

ДУИ ја прифатила одлуката на Мерко за замрзнување на неговото членство во раководните органи на партијата, и реши да ја прекине изборната активност во Струга сѐ додека не се создадат нови услови. Што може да се исчита од овие одлуки?

„Замрзнување на членството“ или „прекин на изборниот процес во огранокот на Струга“, е пепел врз очите на јавноста, купување на време, ублажување на угледот на партијата и барање начин на извлекување од калта на американската „црна листа“. Северна Македонија е ДУИ-зирана, особено правосудниот систем. Албанците имаат една поговорка што гласи вака: „За селото што се гледа, не треба докази“. Ако некој уште не ја здогледал оваа ДУИ-зација на државата, тогаш проблемот не е веќе во „селото“, туку во „очите“. Токму ваквите примери, кои ние сме ги воочиле од поодамна, иако секогаш одговорот бил „да им веруваме на институциите“, беше причина ние да предложиме уставен амандман за борба против корупцијата, со тоа што ќе имаме уставно санкционирање на предметите од политичка корупција, така што тие никогаш не ќе може да застарат, како што се случи со предметот за Сашо Мијалков. Ама, како што јавноста знае, ни СДСМ ни ДУИ дури не се произнесоа, а камоли да го прифатат. А како ние можеме да тврдиме дека тежнееме кон ЕУ, ако имаме држава со ваков степен на корупција и интерференција на политиката во правосудството, кое ни го обелоденуваат нашите сојузници, а нашата власт тоа го прекрива и покрива, дури се преправа дека не знаела?! Затоа и ние не гледамe причина да се одѕивамe на нивниот повик за уставни измени кога тие се толку рамнодушни кон една толку важна и чувствителна тема. Европската интеграција нема смисла ако државата спонзорира корупција. 

Како да се надеваме дека истите институции кои со години мижеле пред пријавите за Мерко, сега одеднаш ќе прогледаат"? 

Секако, дека од вакви институции не се очекува ништо повеќе. Ќе глумат неколку дена дека божем се грижат, додека да се стиши јавноста, па ќе продолжат според налогот на нивниот шеф, било да е тој Али Ахмети или Артан Груби. И во минатото сме имале вакви случаи, кои пак завршувале низ судски лавиринти сѐ до нивно застарување. Еве едно контрапрашање, кое е најточниот одговор за вашето прашање: Што чекале тие институции за да постапат, ако имале в рака шест предмети против Мерко, и зошто само кога САД изреагира, тие се разбудија? Тоа значи дека ако немаше реакција од САД, тие институции ќе ги премолчеа тие случаи сѐ додека шефот ќе им кажувал така. Повторувањето на истата грешка никогаш не произведува различен резултат. Да веруваш во спротивното е навистина за жалење.   

Што чекале институциите за да постапат, ако имале в рака шест предмети против Рамиз Мерко (лево на фотографијата), и зошто само кога САД изреагира, тие се разбудија?, прашува Африм Гаши
Што чекале институциите за да постапат, ако имале в рака шест предмети против Рамиз Мерко (лево на фотографијата), и зошто само кога САД изреагира, тие се разбудија?, прашува Африм ГашиФотографија: Petr Stojanovski

По санкцијата од САД за Мерко, дали ДУИ на локален план ја губи довербата и во нејзиниот преостанат бастион Струга, откако ја изгуби во Тетово, Гостивар, а со фракционерите од Огнената група" веќе е засегната и во скопски Чаир и Сарај?

Видете, ДУИ од поодамна ја има изгубено довербата кај албанските гласачи. Земете ги бројките на парламентарните избори од 2016-та и 2020-та година и споредете ги со опозициските гласови. Тие се апсолутни губитници, кои сепак успеваат да се пробиваат на сметка на поделената албанска опозиција, која никако да смогне сили да ги обедини тие гласови и која сега се гледа дека се залага за таа цел. И на локален план вашата констатација е точна. Таа партија е веќе кула од карти, која секој ден пропаѓа. Да беа помудри, ќе ги прифатија поранешните порази, ќе одеа во опозиција, ќе се освежеа и можеби ќе се вратеа со нови сили. Но, тие настојуваа да останат на власт по секоја цена, за на крај да мора да ја платат цената на внатрешно уривање и како што се одвиваат работите - можат да завршат и понижени. Таа партија стана голем кочничар на сите битни процеси во државата. Нивните амбиции не завршуваат само со поседување на власт, туку настојуваат да имаат целосна контрола над сѐ и сешто, до толку, што во последно време почнаа да ја гледаат државата и како свој имот. Навистина претераа. Наредните избори, кога и да се случат, убеден сум ќе донесат големо освежување и големи промени во албанскиот политички камп, но и за сите граѓани во државата. За таа цел, јас лично и мојата партија силно се залагаме и имам голема доверба дека граѓаните ќе ја препознаат оваа искрена заложба, дека ќе ни поверуваат и ќе ни дадат шанса да се покажеме. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема