1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МХ370-тајната на морските струења

Мартин Николас, Ж.А.31 јули 2015

Пронајдениот остаток од авионско крило ги подгреа надежите за наоѓање на исчезнатиот авион. Експертите сега ги проверуваат сите детали за да го лоцираат поточно местото на падот на авионот, меѓу нив и морските струења.

https://p.dw.com/p/1G7tt
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Wae Tion

Веќе еднаипол година, од исчезнувањето на малезискиот авион на летот МХ370, роднините на жртвите живеат во неизвесност. Секоја индикација во потрагата по вкупно 239 исчезнати патници од авионот, детално се испитува. Се‘уште не е дефинитивно дали остатокот од авионско крило, кое водата го исфрли на брегот на островот Реунион потекнува од исчезнатиот авион.

За Арне Биаштох, професор за океанска циркулација, постои веројатност дел од трупот на авионот да го поминал долгиот пат од Индискиот Океан до Реунион.

„Можно е, поради рамната структура, авионскиот дел да пливал на морската површина“, вели експертот кој работи во Институтот за океанографски истражувања Геомар во Кил. Брзината на морските струи во Индискиот Океан изнесува под еден километар на час. „Пресметано на над 17 месеци, можно е да се поминат дистанци од 4.000 километри и повеќе.“

Wrackteil Malaysia Airlines Flug MH370
Дали пронајдениот дел е од Боингот на Малезија ерлајнс?Фотографија: picture-alliance/dpa/Zinfos974

Струењата можат да донесат нови сознанија

Експертите досега претпоставуваа дека малезискиот авион на лет МХ370 летал илјадници километри настрана од својот планиран курс и паднал во Индискиот Океан. Во огромна морска област во јужниот дел од Индискиот Океан беше започната скапа потрага со учество на бродови, авиони и сателити од повеќе земји. Постојано беа откривани некои пловечки делови, но ниеден не потекнуваше од исчезнатиот Боинг 777 на Малезија ерлајнс.

Новопронајдениот остаток може да ја помести потрагата кон север. Зашто, морските струења укажуваат дека појдовната локација на пронајдениот дел не се наоѓа во јужниот дел пред австралискиот брег.

„Имајќи ги во предвид струењата, уште сега можеме да кажеме дека е поверојатно пронајдениот дел да доаѓа од регионот на Индонезија или дури од северна Австралија“, вели Биаштох. Струењата пред јужниот дел од австралискиот брег би воделе во друг правец, а не кон островот Реунион.

Deutschland Arne Biastoch
Арне БиаштохФотографија: Geomar

За да ја потврди оваа теорија, Биаштох со своите колеги од странство врши, односно симулира т.н. испраќање пошта во шише. Шишето се всушност многубројни виртуелни делчиња, а морето е еден голем информативен пакет на компјутерот. Податоците се составени од сателитски снимки од последната еднаипол година. Сателитите ги снимаат морските струења на тој начин што ги мерат височините на брановите и косината на морската површина. Со помош на косината пак може да се измери брзината на струите. Така добиените податоци даваат слика за ситуацијата по падот на авионот. „Виртуелните делчиња во овој модел ние потоа ги пуштаме да пловат во обратна насока, да се враќаат“, објаснува Биаштох.

Symbolbild Schiffswrack bei der Suche nach MH370 gefunden
По исчезнатиот авион се водеше опсежна истрагаФотографија: Reuters/U.S. Navy Photographer

На таков начин експертите можат да откријат дали е поверојатно малезискиот авион да паднал пред брегот на Индонезија или пред брегот на Австралија. Но, само приближно, не со целосна точност, предупредува професорот за океанска циркулација. Проблемот е во долгиот период на пресметка. „Морето е многу турбулентно и со вртлози“, а колку е подолг временскиот период, толку поголема е дисперзијата на виртуелните делчиња во виртуелниот симулационен модел. „Веројатната локација на падот на малезискиот авион и натаму останува многу голема површина“, заклучува научникот.