1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добри вести од Балканот за Европа

Зоран Арбутина
7 октомври 2017

Западен Балкан се смета за проблематичен регион во Европа. Четири балкански држави планираат ангажман за мир во регионот и брз прием на Србија во ЕУ. Тие се залагаат за потесна меѓусебна економска соработка.

https://p.dw.com/p/2lMnV
Bulgarien Bulgarien Varna-Treffen
Фотографија: Reuters/Bulgarian Government Press Office

„Се согласивме дека Балканот треба да стане позитивен пример во Европа за мир, стабилност и просперитет“, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов по средбата со своите колеги од Романија, Грција и Србија во бугарскиот црноморски град Варна. Планирана е потесна соработка, посебно во економската област и во инфраструктурните проекти. Присуството на српскиот премиер Александар Вучиќ покажува „дека сите ние знаеме и опстојуваме на тоа дека природното место на Србија е во ЕУ“, истакна Борисов. 

Средбата во Варна е дел од подготовките на Бугарија за ЕУ-претседателствувањето, кое земјата го презема во првата половина од 2018 година. Досега Бугарија политички малку се истакнуваше во ЕУ. Таа не е ниту дел од еврозоната, ни од т.н. Шенгенски простор во кој веќе не постојат внатрешни гранични контроли. Но, тоа треба да се промени: „Софија сака на Брисел да му прикаже релевантност, а оваа иницијатива е обид во таа насока. Иницијативата треба да ја истакне европската перспектива на државите од Западен Балкан и да ја унапреди“, вели бугарскиот политиколог Даниел Стефанов. Борисов сака да се протестави во улога на миротворец и да се профилира како ориентиран кон иднината, да пренесе добри вести од Балканот во Брисел.

Важна улога на Србија

Важна улога притоа треба да игра поддршката за Србија во тековните ЕУ-пристапни преговори. Српското природно место е во ЕУ, изјави Борисов, потенцирајќи дека забрзувањето на процесот на прием ќе претставува придобивка за сигурноста и мирот на Балкан и за цела Европа.

Србија од 2012 година е кандидат за членство во ЕУ, а од 2014 година ги започна пристапните преговори. Меѓутоа, Европскиот парламент неодамна констатираше големи дефицити во областа на судството, медиумите и правната државност. Оттаму, бугарската иницијатива има големо значење и за српскиот претседател Вучиќ, вели Александра Јоксимовиќ од Белградскиот центар за надворешна политика. „Тој сака да покаже дека Србија, како централна земја на Западен Балкан, може да соработува со сите, истовремено со останатите претенденти за влез во ЕУ, како и со земјите кои се веќе во ЕУ“, вели Јоксимовиќ.

Тоа меѓутоа не е разбирливо само по себе. За проблематични се сметаат првенствено односите на Србија со Косово. Брисел стави јасно на знаење дека добрите соседски односи со Приштина се предуслов за членство во ЕУ. Белград до денес не ја признава независноста на поранешната покраина Косово, прогласена во 2008 година. Србија не игра секогаш конструктивна улога ниту во Босна и Херцеговина: босанско-српските политичари при своите сеператистички закани кон централната влада во Сараево секогаш можат да се потпрат врз поддршката од Белград.

Bulgarien Varna Treffen
Варна, октомври 2017, од лево: Алексис Ципрас (Грција), Александар Вучиќ (Србија), Бојко Борисов (Бугарија), Михаи Тудосе (Романија)Фотографија: picture-alliance/abaca/I. Radoykov

Европска задача

Регионот на Западен Балкан и без тоа се смета за нестабилен и потенцијално конфликтен. Етничките тензии во Босна и Херцеговина, непочитувањето на малцинските права на Албанците во Грција или спорот околу името меѓу Грција и Македонија се само некои од проблемите со опасен конфликтен потенцијал како за регионот, така и за цела Европа.

Оттаму, не зачудува што стабилизацијата и економскиот развој на Западен Балкан е високо на агендата на надворешнополитички приоритети на ЕУ. Уште во 2014 година Германија го иницираше т.н. Берлински процес за на земјите од Западен Балкан, преку обемни инфраструктурни проекти, да им го олесни приклучувањето кон ЕУ и да ја зајакне нивната меѓусебна соработка. Следеа повеќе мултилатерални средби, а во јули во Трст се одржа Конференција за Западен Балкан на високо ниво. Во слична функција е и овонеделната средба во Солун на министрите за надворешни работи на Грција, Албанија, Македонија и Бугарија. Софија планира продолжување на ваквата низа контакти, па најави дека за време на нејзиното претседателствување со ЕУ, еден од самитите ќе биде посветен на прашањето на европската иднина на Западен Балкан.

Не станува збор за нова Вишеградска група

Во овој контекст треба да се гледа и средбата во Варна, вели Јохана Дајмел од Друштвото за Југоисточна Европа. „Кон регионот се гледа со внимание, а ако на Србија притоа ѝ се помогне напредувањето на европскиот пат, тогаш станува збор за добра иницијатива“. Крајно, „Србија претставува клучна земја во Западен Балкан, па оттаму иницијативата е позитивна“, истакнува Дајмел, „добро е кога регионот соработува, кога тамошните земји меѓусебно си помагаат.“ 

За бугарскиот премиер Борисов во Варна беше многу важно да истакне дека не станува збор за формирање ново групирање во рамките на ЕУ. „Ова не е почеток на нова Вишеградска група“, изјави Борисов, алудирајќи на кон Брисел критичката група од централноевропските држави Полска, Чешка, Словачка и Унгарија. „Ние сакаме да ѝ помогнеме на ЕУ“, дециден беше Борисов. И српскиот претседател Александар Вучиќ, со поглед кон ЕУ, истакна: „За нас најважни се мирот и стабилноста“. Наскоро тој ќе може и во пракса да ја демонстрира својата конструктивна улога во регионот: следниот Балкански самит треба да биде одржан во Белград.