1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се спаси ли Кипар со „планот Б“?

С.Недевски/АТ/ли/ап/дпа/ртр21 март 2013

Владата на презадолжената земја од еврозоната подготви алтернативен план за спас од кризата. Тој треба да опфаќа финансиска помош од Русија, но и спорниот принуден данок на банкарските депозити- во ублажена форма.

https://p.dw.com/p/1816Z
Фотографија: Reuters

Иако водечките политичари на Кипар синоќешните разговори за можните излези од кризата ги завршија без заземање став во јавноста, од преговарачките кругови се дознава дека се разговарало за нова верзија на веќе отфрлениот план за еднократен данок за банкарските влогови.

Депозитите под 100 илјади евра во кипарските банки според алтернативниот план нема да бидат оданочени, изјавија некои кипарски политичари. Други пак сметаат дека овие парични влогови треба да бидат оданочени со стапка од 3 проценти. Покрај тоа би требало да се основа фонд, кој ќе издава државни обврзници, кои би требало да бидат купувани од страна на пензиските фондови, на црквата, како и на други институции во Кипар.

„Заедно ќе успееме“

Zypern Parlament lehnt Zwangsabgabe ab 19.03.2013
Парламентот во Никозија денеска повторно ќе гласаФотографија: Reuters

Новиот план денеска (21.03) треба да им биде претставен на лидерите на кипарските партии и за него да се гласа во парламентот во Никозија. Централната банка на Кипар претходно издаде наредба дека банките во земјата кои се затворени од викендот наваму, смеат да отворат најрано наредниот вторник. Мерка со која очигледно се сака да се обезбеди повеќе време за преговорите за спасувачкиот пакет. Банките се затворени, бидејќи се стравува од навалица на разгневени клиенти кои би сакале да ги испразнат своите сметки.

Вработените во банките вчера се солидаризираа со населението и протестираа со плакат на кој пишуваше „Заедно ќе успееме“. (на сликата горе)

Претседателот на Кипар Никос Анастасијадес вчера преговараше со претставниците на меѓународната доверителска тројка составена од Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка и Европската комисија. Изјави за медиумите не беа дадени ни по оваа средба. Тројката има клучна улога со оглед дека без зелено светло од нејзина страна „планот Б“ не може да стане дела од спасувачкиот пакет на ЕУ.

Ќе помогне ли Русија?

Судејќи според изјави од владини кругови во Никозија, Кипар очигледно ќе добие поддршка од Русија. Кипарскиот министер за финансии Михалис Сарис вчера во Москва веќе разговараше со својот руски ресорен колега. Притоа меѓу другото станувало збор за продолжување на рокот за исплата на кредитот од 2,5 милијарди евра, кој Русија веќе му го има дадено на Кипар како и за можни нови руски инвестиции за да се избегне државен банкрот на Кипар.

Русите најверојатно би биле тешко погодени од евентуалното принудно оданочување на депозитите во кипарските банки. Според пресметките една третина од сите влогови во вкупна вредност од 68 милијарди евра им припаѓа на Русите , кои го сметаат Кипар за даночна оаза.

И црквата со програма за помош

Православната црква на Кипар вчера и понуди помош на владата. Архиепископот Христосомос Втори по разговорот со претседателот Анастасијадес изјави дека црквата е подготвена својот имот да го стави под хипотека и со одобрените кредити да купи државни обврзници. Православната црква на Кипар не поседува само земјиште и недвижности туку има удел во една банка и во една пиварница.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема