1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе биде со „парите на Милошевиќ“ на Кипар?

Ивица Петровиќ/ Жана Ацеска20 март 2013

За време на војните во бивша Југославија, од Србија на Кипар течеа милиони. Сега меѓутоа Европа мора да го спасува Кипар. Во Србија тврдат дека на Кипар веќе нема многу пари од oние пренесени во времето на Милошевиќ.

https://p.dw.com/p/180Co
Фотографија: imago/imagebroker/begsteiger

Србија и Кипар во изминатите 20-тина години имаа посебни финансиски односи. Финансиската соработка кулминираше во текот на 90-те години, кога поради санкциите парите од Србија буквално со куфери и патни торби беа пренесувани на Кипар. По падот на режимот на Слободан Милошевиќ во 2000-та година, одделни политичари направија обид да влезат во трагата на овие пари на Кипар, ветувајќи нивно враќање во Србија, но потрагата никогаш не даде конкретни резултати. Проценките на српските истражни органи зборуваат за околу пет милијарди долари однесени на Кипар за време на санкциите. Исто така, се проценува дека приближно стотина српски претпријатија се во директна или индиректна сопственост на фирми регистрирани на Кипар. Токму ова е причината што вестите за финансиските тешкотии на Кипар предизвикаа големо внимание кај српската јавност.

Повлекување од Кипар?

Постои навистина голем број крупни српски стопанственици кои имаат капитал на Кипар, вели за Дојче веле Саша Ѓоговиќ од Институтот за истражување на пазарот. Најновите случувања на Кипар може да ја протресат нивната доверба и да ги натераат на размислување за повлекување на капиталот од Кипар, истакнува Ѓоговиќ.

Zypern Nikosia Bankautomaten
Веројатно нема многу српски пари во кипарските банки, сметаат експертитеФотографија: Reuters

„Но не мислам во правец на Србија, туку во правец на некоја друга ’егзотична’ земја. Кога говориме за тие мерки, првенствено тие се однесуваат за заштедата, а тоа нема никаков ефект врз Србија. Значи, се работи за штедните сметки на поединци кои ќе треба да и‘ платат данок на кипарската држава за девизната заштеда која ја имаат во кипарските банки“.

Во секој случај, тоа нема да има никакви последици за српското стопанство, смета Ѓоговиќ: „Тоа може евентуално да има некои реперкусии кај тие крупни капиталисти, кои имале своја заштеда таму. Се разбира, доколку веќе претходно не повлекле некои потези околу одлевање на капиталот од Кипар на некои ’егзотични’ дестинации, но секако не во српското стопанство“.

Скромна економска соработка со Кипар

Кипар не се наоѓа меѓу првите 30 земји по обемот на надворешнотрговската размена со Србија, туку веројатно е некаде на крајот на скалата, истакнува Ѓоговиќ.

Единствено за што може да се зборува како за потенцијална опасност е пропаст на банкарскиот систем на Кипар, зашто во Србија работи една кипарска банка, Марфин банката: „Тоа значи дека Народната банка на Србија би требало да го засили надзорот над работењето на таа кипарска банка. Таа навистина има статус на домашно правно лице, зашто така е регистрирана, но сепак нејзината матица се наоѓа на Кипар“, вели Ѓоговиќ.

Symbolbild Geldwäsche
Фотографија: Gina Sanders/Fotolia

Кај нас е се‘ скромно, па и депозитите на Кипар

Финансиските проблеми на Кипар може да се одразат на капиталот на српските претпријатија депониран во кипарските банки, како и на штедните влогови на српските граѓани, кои исто така имат сметки во кипарските банки, вели за Дојче веле економистот Горан Николиќ: „Во секој случај, ако некој има фирма на Кипар и има и парични депозити таму, секако ќе биде погоден. Навистина, има и такви, но не мислам дека е тоа голем удар за српската економија. Кај нас е се‘ скромно, па и депозитите на некои наши резиденти во земји како Кипар“.

Во јавноста постои уверување дека во Србија има многу богати луѓе, но факт е дека српската дијаспора не е претерано богата, вели Николиќ. Дијаспората е бројна во однос на популацијата, но економски е доста „тeнка“, заклучува Николиќ.