1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе: Партиите да потпишат меморандум за посветеност кон евроинтеграцијата

СН/БГ/миа9 април 2013

Надпартиска поддршка за стратешките цели и за евроатлaнтските интеграции ги става интересите на Македонија пред партиските интереси, порача еврокомесарот Штефан Филе пред Националниот совет за евроинтеграции во Скопје.

https://p.dw.com/p/18CLi
Фотографија: dapd

Комесарот на ЕУ за проширување Штефан Филе во рамките на посетата на Скопје денеска имаше обраќање и пред членовите на Националниот совет за евроинтеграции. Тој притоа нагласи дека и покрај настаните од 24 декември, Македонија постигнала напредок во реформите кои се во согласност со целите на пристапниот дијалог на високо ниво. Сега, според Филе најважно е што е можно побрзо да се формира Анкетната комисија која ќе ги расчисти настаните од 24 декември, а партиите да потпишат меморандум за посветеност кон евроинтеграциските процеси.

„Претпристапниот дијалог се покажа дека е важен катализатор за Република Македонија и ги одреди специфичните реформи во пет клучни области преку процес на дијалог. Го поздравувам тоа што имате реформи согласно целите на претпристапниот дијалог. Во подготовките на извештајот и денешната посета забележавме дека е постигнат напредок и дека се воведени мерки во одредени области и покрај настаните кои се случија на 24 декември“, рече Филе. Има напредок во подобрување на ефикасноста во судскиот систем, забележан е напредок во реформите во јавната администрација...

На економски план, го истакна тоа што Владата ги расчисти своите обврски кон претпријатијата, го поздрави Акцискиот план за вработување на младите, но остануваат многу предизвици на пазарот на труд. Тој смета дека треба да се обезбеди стратешко планирање на јавните финансии во интерес на сите граѓани.

Клучен период пред извештајот на ЕК

Од суштинско значење е, рече Филе, Владата да го продолжи дијалогот со новинарите. „Голема штета е што конкретниот напредок направен преку дијалогот со медиумите меѓу Владата и новинарите минатата година беше прекриен со сенката на скорешните настани. Од суштинско значење е Владата повторно да го продолжи овој дијалог со новинарите, а новинарите треба да се вклучат во реформите во ова поле, а тоа треба да се направи на транспарентен и отворен начин. Ова прашање е многу важно и треба да биде значајно за сите“, истакна Филе.

Informeller Beitrittsdialog auf hoher Ebene zwischen EU und Mazedonien
Фотографија: MIA

Локалните избори, според еврокомесарот, беа добро спроведени, конкуретни, а кандидатите имаа можност за кампања, но има бројни забелешки како што се недоволната одделеност меѓу државата и политичките партии, вклучително и наводи за злоупотреба на државните ресурси во текот на кампањата и улогата на медиумите во овој контекст.

„Вакви забелешки слушнавме и во претходната кампања и ќе се прашаме дали е постигнат напредок во овој домен. Градоначалниците еднакво да ги застапуваат граѓаните, без разлика на етничката припадност“, порача Филе.

Ова, според него, е клучен период за земјата пред претстојниот извештај на ЕК, кој ќе биде претставен следната недела.

„Извештајот не е завршен. Штотуку придонесовте“, им се обрати Филе на пратениците, кои политичката нетрпеливост и различните ставови во врска со локалните избори ги пренесоа и пред него.

Опозицијата и власта разменија критики

Еврокомесарот во Македонија беше пред пет недели, кога на 1 март беше постигнат договор за надминување на политичката криза во земјата, за чие спроведување, како што рече Филе, имаат одговорност сите политички партии. Одговарајќи му на Игор Ивановски од СДСМ дека и тој и ЕК треба да преземат одговорност за иднината на земјата, Филе рече дека е свесен за тоа и истакна дека и тие имаат одговорност по постигнувањето на договорот од 1 март. „Свесен сум за таа обврска, но дали дел од вас разбираат дека имате одговорност откако го потпишавте договорот на 1 март. Ние сакаме овој договор да се спроведе и да бидете одговорни за вашата земја и за вашите граѓани“, рече Филе во своето завршно обраќање, порачувајќи и‘ на опозицијата дека и таа треба да преземе одговорност за иднината на Македонија.

Пратениците во своите обраќања пред еврокомесарот ги изнесоа крајно различните ставови за локалните избори во земјата и настаните пред, на и по 24 декември.

Опозициските претставници, кои вчера не учествуваа во работата на собраниските тела, денеска дојдоа на седницата на Националниот совет за евроинтеграции.

Радмила Шекеринска од СДСМ и претседател на Националниот совет за евроинтеграции посочи на, како што наведе, неправилности на изборите, како на пример во скопската општина Центар и присуство на граѓани од Пустец. Тоа, а потоа и обраќањето на координаторот на пратеничката група на СДСМ Игор Ивановски, кој рече дека изборите биле нефер и недемократски и оти одговорност за иднината на земјата треба да преземе и еврокомесарот и ЕК, а за исходот од евроитеграцискиот процес само власта, предизвика реакција кај пратениците од владејачкото мнозинство. Според Ивановски, не се почитува постигнатиот договор од 1 март.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека опозициските пратеници ја девалвираат сопствената држава, се обидуваат да најдат оправдание за седум пати по ред изгубените избори, но и да не ја изговорат реченицата што ја кажал нивниот лидер Бранко Црвенковски дека народот е во право и тогаш кога греши.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани, истакна дека заедно со партнерските организации се заинтересирани за новиот закон за медиуми, кој ќе ја одреди судбината на македонските медиуми.

„Ние го поддржуваме вградувањето на директивата, но мора да бидеме многу внимателни со опфатот на законот, посебно со регулирањето на печатените и интернет медиумите, за што нема унифицирано европско законодавство“, рече Селмани. Тој изрази подготвеност за вклучување во процесот на донесување на законот, со обезбедување на минимум услови. „Сакаме конструктивна, широка и суштинска дебата за законот“, додаде претседателот на ЗНМ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема