Филе го поздравува спроведувањето на изборите во Македонија
25 март 2013„Го поздравуваме фактот дека локалните избори беа спроведени во мирна атмосфера без поголеми инциденти. Сега ги очекуваме официјалните резултати од Државната изборна комисија, како и официјалниот извештај од ОДИХР, канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права, за спроведувањето на изборите и дополнителните препораки што тие би можеле да ги имаат“, велат од прес-канцеларијата на комесарот за проширување Штефан Филе.
Од неговиот кабинет додаваат дека извештајот од ОДИХР за спроведувањето на изборите во Македонија го очекуваат попладнево, по што тој ќе биде детално разгледан.
Дојче веле го контактираше и кабинетот на европратеникот и известувач за Македонија Ричард Хауит. Од таму засега, пред да добијат подетални информации за спроведувањето на изборите, остануваат на Твитер пораката објавена вчеравечер:
„Задоволен сум што набљудувачите на локалните избори во Македонија известуваат дека немало сериозни инциденти во текот на изборниот ден“, напиша Хауит.