Тур Д’Франс продолжува во болка
26 јули 2007
Тур Д‘Франс денес е без жолтата маичка. Исклучувањето на Расмусен од страна на неговата сопствена екипа Рабобанк е поздравено од организаторите на трката.
„Заминувањето на Расмусен, без сомневање, е најдоброто нешто што можеше да ни се случи од пред неколку денови. Тоа не е додатна црна вест, тоа е најдоброто нешто што можеше да ни се случи!“ – не го криеше задоволството Кристиан Прудом, директорот на трката.
Директорот на организациониот комитет Патрис Клер, на француската телевизија не криеше дека извршиле притисок врз Рабобанк, екипата и главниот спонзор на Расмусен за да го исклучат од трката.
„Ние долго дебатиравме со екипата и спонзорот за да им дадеме до знаење дека денес неговото присуство му штети на имиџот на Тур д’Франс, како и на нивниот.“
Кај останатите тркачи и посебно кај публиката, која вчера го исвирка Расмусен, денес владее олеснување.
„Мислам дека е добро што си замина, ова беше премногу за трката.“
„Ова е добра вест за младите, бидејќи јас сум воспитувач во школа за млади велосипедисти“.
Џон Гадре од екипата АГР, кој вчера беше во солзи и револтиран од ситиацијата на Тур д’Франс, денес е задоволен.
„Сега сме смирени, нема повеќе што да кажеме. Ова е супер за Тур д’Франс!“
На прашањето кое се поставува дали трката треба да продолжи, Жан-Франсоа Ламур вицепетседателот на светската агенција за борба против допингот, е дециден.
„Трката треба да оди до крај. Признавме дека тоа е во болки за ова издание. Но трката треба да постои, тоа е наше наследство.“
„Тур д’Франс повторно ќе застане на нозе. Велосипедизмот е нешто друго. Но велосипедизмот може да се исправи преку Тур д’Франс!“ е категоричен шампионот Рејмон Пулидор.
На помош на Тур д’Франс дојде и премиерот Франсоа Фијон.
„Ако ги охрабриме организаторите во борбата против допингот, ќе го исчистиме спортот и посебно велосипедизмот“.
Но пред спекатклот за гледачите сигурно е поважно здравјето на спортистите.