1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судот во Хаг претпоставува дека Грција нема да се однесува погрешно во иднина

5 декември 2011

Меѓународниот суд на правдата во Хаг пресуди дека Грција ја прекршила Привремената спогодба со ветото во Букурешт, но одби да и‘ наложи на Атина во иднина да ја почитува Спогодбата.

https://p.dw.com/p/13Mlt
Македонија поднесе тужба против Грција во ноември 2008 година (архива)Фотографија: picture-alliance/ dpa

Грција ја прекршила Привремената спогодба од 1995 година со тоа што ставила вето на членството на Македонија во НАТО, пресуди Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Сепак, судот одби да и‘ наложи на Атина во иднина да се придржува до своите обврски преземени со спогодбата. Отфрлајќи го тоа барање на македонската страна, судот заклучи дека за тужителот, во случајот за Македонија, е доволна сатисфакција тоа што било пресудено контра Грција во втората точка.

Речиси сите точки од пресудата можат да се толкуваат позитивно за македонската страна, па дури и последната, иако судот одби да и‘ даде директен налог на Грција. Имено, во заклучокот од таа точка, судот јасно наведува дека „не смета за неопходно да и‘ наложува на Грција во иднина да се воздржува од прекршување на Времената спогодба“.

„Судот нема причина да претпоставува дека држава чие однесување било прогласено за погрешно од страна на судот, ќе го повтори таквото однесување во иднина, имајќи предвид дека добрата волја мора да биде почитувана“, се наведува во пресудата.

Претходно, Судот се прогласи за надлежен да одлучува по тужбата на Македонија против Грција за прекршување на Привремената спогодба од 1995 година. Претседавачкиот судија Хисаши Овада соопшти дека Судот ги отфрлил забелешките на Грција дека тој нема надлежност да решава за овој случај.

Постоело вето во Букурешт

Судот ги отфрли забелешките на Грција дека најавите за вето во пресрет на самитот во Букурешт не биле биле директни закани туку само предупредувања до сојузниците.

Migration Konferenz Den Haag 2010
Судот нема причина да претпоставува дека држава чие однесување било прогласено за погрешно од страна на судот, ќе го повтори таквото однесувањеФотографија: DW

„Судот не може да прифати дека изјавите на грчките претставници во пресрет на Самитот на НАТО не се доказ за закани за блокади, туку само забелешки до другите членки на НАТО“, рече судијата Овада.

Притоа, Судот заклучува дека Грција не успеала да докаже дека Македонија ги прекршила своите обврски кои произлегуваат од Спогодбата.

„Грција не успеа да докаже прекршување на спогодбата од страна на Македонија. Нема докази дека Македонија спонзорирала државна и медиумска пропаганда против Грција“, се наведува во пресудата.

Напротив, Судот децидно констатира дека Македонија во изминатите 15 години од потпишувањето на Спогодбата ниту еднаш не го прекршила договорот со Грција.

Пресудите со големо мнозинство

Сите одлуки на судот биле донесени со големо мнозинство. За заклучокот дека Грција ја прекршила Привремената спогодба со ветото во Букурешт, против гласал само грчкиот ад-хок судија во советот, додека останатите 15 судии биле „за“.

Македонија поднесе тужба против Грција во ноември 2008 година, неколку месеци откако земјата беше блокирана на самитот на НАТО во Букурешт. Основниот навод за тужбата беше дека Грција ја прекршила Привремената спогодба од 1995-та со ветото за Македонија. Грција ја оспоруваше тужбата од два аспекти. Во првата точка, спореше дека Меѓународниот суд на правдата има надлежност да решава за овој случај, а во втората негираше и тврдеше дека во Букурешт пролетта 2008-ма немало вето, туку консензус на земјите членки на НАТО кои биле солидарни со Грција.

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема