1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции: Победа за Македонија

5 декември 2011

Претставници на македонската власт во Хаг оценија дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата е голема победа за Македонија. Грчкиот претставник вели дека треба да продолжат преговорите.

https://p.dw.com/p/13MnI
Никола Попоски: Пресудата е можност за заедничка посветла иднина со ГрцијаФотографија: DW

„Ова е клучна пресуда која не создава победници и поразени, туку создава можност да се вратиме во една правна предвидливост која ќе ни‘ овозможи да ги оствариме нашите стремежи за евроатлантска интеграција“, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Попоски по објавувањето на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Според Попоски, пресудата е можност за „заедничка победа и заедничка посветла иднина со Грција од аспект на соработката“:

„Македонија останува целосно посветен и активен партнер во преговорите за името. Во следниот период треба да се фокусираме за она што се случи во Букурешт да не биде повторено, туку овој процес да се затвори со членство на РМ во НАТО“, порача министерот Попоски.

Според застапникот на Македонија пред Судот во Хаг и екс-министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, во Хаг победила правдата.

„Во Букурешт 2008. Македонија беше попречена преку аргументот на силата, во Хаг 2011. Македонија го доби спорот преку силата на аргументите. Сметам дека денеска имаме одлука од голема и историска важност. Таа одлука значи дека е зачувана Времената спогодба како клучен документ за билатералните односи меѓу двете земји и е добра шанса за Грција и Македонија да продолжат натаму во тој дух“, рече Милошоски.

Der mazedonische Außenminister bei der Anhörung zum Namensstreit zwischen Mazedonien und Griechenland
Антонио Милошоски во Хаг, при претставувањето на аргументите на Македонија (архива)Фотографија: MIA

И за амбасадорот на РМ во Холандија, Никола Димитров, Македонија денеска во Хаг добила правда, оценувајќи дека се работи за голем ден за земјата:

„Факт е дека имаме право да се надеваме дека асоцијација во чие срце е владеењето на правото, како што е НАТО, ќе ја земе предвид оваа пресуда која што е исклучително и кристално јасна“, рече Димитров.

Грчкиот претставник нема коментар за пресудата

Застапникот на грчката страна во Судот, Јоргос Саваидис, одби да даде оценка за пресудата, но најави дека неговата земја истата ќе ја почитува. Во изјавата, Саваидис се концентрираше на оценка на поведените на Македонија во изминатиот период.

„Тужбата на Македонија против Грција пред Меѓународниот суд на правдата беше политички мотивиран план за одбегнување на преговорите под покровителство на ОН. Наместо да преговара со добра волја, Македонија започна правна постапка за да ги запре преговорите“, оцени Саваидис.

„За среќа, Судот денеска повика на преговори под покровителство на ОН и Грција ќе го стори истото. Ја повикуваме Македонија да не ја користи денешната пресуда за да ги избегнува преговорите“.

Саваидис ја обвини Македонија дека од поднесувањето на тужбата до денес, Скопје се ангажирало во невидено националистичко и непријателско однесување кон Грција и дека била узурпирана грчката историја и симболи, особено преку изградбата на споменици во Скопје.

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска