1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коптите добија нов црковен поглавар

СН/АТ/макфакс/дпа4 ноември 2012

Епископот Тавадрос е новиот патријарх Александриски и на цела Африка, и поглавар на коптската православна црква. Официјалното име на новиот патријарх Александриски е Тавадрос Втори.

https://p.dw.com/p/16ccO
Фотографија: Getty Images/AFP

Името на новиот 118-ти поглавар на коптската црква беше објавено во неделата во соборниот храм на Свети Марко, во центарот на египетскиот главен град Каиро. Со ова заврши последната фаза од повеќестепениот начин на избор на новиот поглаварот на коптските христијани.

Светото место на поглаварот на коптската црква остана празно по смртта на 117-от патријарх Александриски Шенуда Трети кој почина на почетокот на годинава во египетската престолнина на 89-годишна возраст.

Во присуство на неколку илјади христијани што се собраа во соборниот храм Свети Марко, името на новиот патријарх Александриски го објави вршителот на должноста поглавар на коптската црква, митрополитот Пахомиус. Зборовите на митрополитот биле дочекани со заглушувачки овации, како од мноштвото присутни на церемонијата во храмот, така и од многуте Египќани кои ја исполниле целата територија на коптската Патријаршија.

Новиот патријарх Тавадрос Втори, со световно име Вагих Субхи Баки Сулејман, денеска наполни точно 60 години, роден е на 4-ти ноември 1952 година во египетскиот град Ал Мансур. Во 1975 година дипломирал на Факултетот за фармација на Александрискиот Универзитет. Работел неколку години во структурата на Светската здравствена организација (СЗО - WHO) во Велика Британија, а потоа бил директор на фабрика за производство на лекови при министерството за здравство на Египет во градот Даманхур. Како неженет се замонашил во јули 1988 година, во манастирот на Свети Бишо. Ракоположен е за свештеник во јули 1998 година. Автор е на 12 теолошки книги. Покрај арапскиот, течно го зборува и англискиот јазик. До неговото прогласување за поглавар на Коптската православна црква, тој беше епископ на египетската провинција Ал-Бухејра.

Официјалната церемонија на востоличувањето, стапнување на светиот престол на новиот коптски поглавар, според информациите од патријаршијата ќе биде одржана на 18-ти ноември годинава.

Тавадрос Втори уште од првиот ден на стапнување на чело на патријаршијата ќе се ангажира на решавање на многу сложени прашања со кои се соочуваат христијаните во Египет денес. Главното меѓу нив, како што сметаат во патријаршијата, е „надградбата внатре во самата коптската црква“, во врска со значителното зголемување на младите меѓу египетските христијани, како и ангажирање во „конструктивен однос со новата влада“ на земјата, на чие чело летово дојдоа поддржувачите на исламистичкото движење Муслиманско братство.

Ägypten Kopten Wahl Papst
Фотографија: AP

Коптската православна црква е една од најстарите христијански цркви во светот. Според преданието, таа е основана од страна на Апостол Марко кој се смета за нејзиниот прв патријарх.