1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со „лотарија“ до црковен поглавар

Михаел Ханс Ел/ Симе Недевски4 ноември 2012

Денеска (4.11) во Египет едно мало дете ќе го одреди новиот поглавар на Коптската црква. Новиот поглавар ќе има, со оглед на состојбата во Египет, посебна улога- се очекува да биде човек за дијалог со муслиманите.

https://p.dw.com/p/16cOm
Фотографија: Reuters

Одлуката за поглаварот на коптските христијани се донесува со еден вид лотарија: едно дете со превез на очи во текот на свечената церемонија во Катедралата Св. Марко во Каиро извлекува едно од трите ливчиња со имињата на кандидатите. Кутијата стои на олтарот на црквата, така што целата процедра е инсцинирана како еден вид Божја одлука.

Во Египет живее мнозинството припадници на копската заедница- се проценуваат помеѓу 8 и 14 милиони. Во светот се вкупно околу 18 милиони. Припадничката на коптската заедница во Египет, Мери, жена од триесет и неколку години, се надева дека идниот коптски папа ќе биде мудар духовник. „Молитвата и духовноста се важни, тие ќе ни требаат во периодот пред нас, повеќе од што било друго“, кажува таа.

Нешто помладиот Магед додава: „Бог ќе го избере вистинскиот. И јас се надевам дека новиот папа ќе постапува мудро. Ќе биде тешко да се замени човек како што беше папата Шеноуда. Во историјата на нашата црква само 3- 4 личности уживаа таков углед како него“.

Се бара човек за дијалог

Папата Шеноуда Трети почина во март на 88 години. Повеќе од 40 години беше на чело на коптската црква. Многу Копти уште додека беше жив го славеа како светец. Но, секогаш одново можеле да се слушнат и критички гласови. Му се префрлало дека премногу блиску соработувал со режимот на Хосни Мубарак и оти премалку укажувал на дискриминацијата на христијаните во земјата. Бремето на наследството кое ќе го добие еден од тројцата кандидати за нов коптски папа поради тоа не е лесно.
Во почетокот на минатата недела во Катедралата Св. Марко во Каиро околу две и пол илјади коптски христијани, теолози и лаици, мажи и неколку жени, избраа тројца кандидати за „лотаријата“. Меѓу избирачите беше и Јусеф Сидхом, главниот уредник на неделникот „Ватани“. Тој смета дека новиот коптски папа пред се’ треба да биде духовен водач, но и човек за дијалог: „Вториот критериум кој е многу важен е способноста за водење дијалог со сите делови од општеството надвор од црквата. Знаеме сите дека зборуваме за новата држава Египет која е под силно влијание на политичкиот ислам.“

Умерени муслимани и христијани- потреба за слога

Уште под долгогодишното владеење на Хосни христијанското малцинство во Египет беше под силен притисок- секогаш одново беа извршувани напади врз црквата. До високите позиции во политиката, државните служби и војската христијаните доаѓале ретко, речиси никогаш. Од почетокот на револуцијата исламистите го користат беззаконието во земјата и ја земаат правдата во свои раце- нивна цел најмногу се либералните муслимани, но и христијаните.
Дотолку е поважно, кажува Јусеф Сидхом, муслиманите и христијаните заедно да се ангажираат против екстремните сили од двете страни, на пример во создавање на нов Устав. А тука посебна и сложена улога ќе игра новиот духовен водач на Коптите, смета Сидхом. Тој верува дека сите тројца „финални кандидати“- два бискупа од Каиро, односно долината на Нил, и еден монах од северен Египет- можат да се носат со неа.

Ägypten Kopten Wahl Papst
Фотографија: Getty Images/AFP