1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

150210 Euro Stabilität

17 февруари 2010

Дали евроскептиците имаат право, кога велат дека заедничката валута на еврозоната ја очекува мрачна иднина? Земјите што го користат еврото веќе го согледаа проблемот.

https://p.dw.com/p/M31l
Заедничката валута - од олеснување до главоболкаФотографија: picture-alliance / dpa

Довербата во еврото веќе некое време е разнишана. Постојат сомневања дали сите евро-земји на подолг рок ќе можат да излезат на крај со нивните високи буџетски дефицити. Сепак, претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо, минатата недела се обиде да ја смири вознемиреноста: „Нашата заедничка валута, еврото, и натаму ќе биде важна алатка за нашиот развој. А оние кои сметаат дека неговиот опстанок е загрозен, мора да знаат: ќе го држиме курсот. Европската унија располага со сите неопходни механизми да се справи со сите проблеми што би можеле да се појават.“

Основа за довербата во еврото е Пактот за стабилност и развој. Со него сите земји од еврозоната се обврзуваат да исполнуваат одредени критериуми, на пример околу задолжувањата и дефицитот. Меѓутоа, со оглед на економската криза, многу често се закануваат отстапки од овој пакт. Жан Клод Трише, претседател на Европската централна банка, мораше минатиот октомври да опомене и две од водечките земји во европросторот: „Што се однесува до Германија и Франција, и за нив мора да важат истите правила како и за другите. За нас Пактот за стабилност и развој е како ’Оче наш’.“

Нема веќе девалвација

Symbolbild Griechenland Finanzen EU
Грција не е единствена, проблеми имаат и Португалија, Шпанија и ИрскаФотографија: picture alliance / dpa

Ама очигледно ова не важи за сите. Се чини дека Атина најмалку се придржува до критериумите предвидени со Пактот. А тоа отиде дотаму што претходната грчка влада со години доставувала „фризирани“ бројки до Брисел, што се однесува до буџетскиот дефицит. Жан Клод Јункер, претседателот на еврозоната, саркастично изјави: „Морам да кажам дека сум длабоко импресиониран од разликата меѓу новите и старите бројки. Доста со вакви игри! Потребни ни се сериозни статистички податоци.“

Државите со високи задолжувања порано можеа да го решат проблемот со девалвација на сопствената валута, иако тоа создаваше нови проблеми. Меѓутоа, со заедничката валута, ова веќе не е возможно. Евроскептичниот британски европратеник Најџел Фараџ истакнува: „Кутрата Грција, седи во економскиот затвор на еврото. Она што сега и` треба на Грција е девалвација. Меѓутоа, не се работи само за Грција, бидејќи истиот проблем го имаат и Португалија, Шпанија и Ирска. Милиони луѓе во Европа ќе страдаат поради ова, додека Вие, господине Барозо, се обидувате да го одржите на нозе катастрофалниот проект наречен евро. Еврото ќе пропадне, а што се однесува до европските жители, колку поскоро, толку подобро.“

Она за што Фараџ и некои други сонуваат, за други би било вистински кошмар. Затоа земјите од еврозоната се обидуваат да сторат се` што е во нивна моќ за да ја спасат заедничката валута.

Автор: Кристоф Хазелбах/Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска