1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Два милиони луѓе годишно умираат од СИДА

Силвера Падори1 декември 2008

Објаснување, заштита и солидарност- ова се целите на светскиот ден за борба со сидата. Во светот околу 33 милиони луѓе се ХИВ позитивни, но бројот на заразени постојано се зголемува и во сиромашните и развиените земји.

https://p.dw.com/p/G5V4
Црвената панделка е симбол на борбата против СИДА и ХИВФотографија: picture-alliance/dpa

За дваест и седум години од кога е регистрирана болеста, од сида починале 25 милиони луѓе, а само минатата година два милиони. Според податоците на Светската здравствена организација и ОН, постојано се зголемува и бројот на заразени од вирусот ХИВ од кој подоцна се развива болеста. Досега во светот со смртоносниот вирус се заразени 33 милиони лица. За жал, меѓу жртвите на „чумата на 21 век“ се и милиони деца. Само од 2005 до 2007 година смртоносната болест однесе 1,2 милиони детски животи. Во борбата против чумата на новото време, долго време децата беа заборавени, иако токму тие се на врвот на црните бројки. Од два милиони заразени деца, дневно умираат дури осумстотини. Поради црните статистики и УНИЦЕФ апелираше да се овозможат повеќе тестови и да има повеќе можности за лекување за новороденчињата кои се инфицирани од сида.

Aids in Südafrika
Милиони деца се жртви на смртоносната болестФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Секое второ дете родено со вирусот умира пред втората година доколку не се лекува, велат проценките на оваа организација според која шансите за преживување на овие деца се зголемуваат за 75%, доколку тие добијат соодветни лекарски третмани во првите две недели од животот.

„И јас и УНИЦЕФ сметаме дека секое дете има право на лекување“, изјави Ан Катрин Линзенхоф, потпретседателка на германскиот огранок на организацијата.

СИДА-та стана семејна болест во Африка

90 проценти од два милиони ХИВ позитивни деца болеста ја добиле со раѓањето или се инфицирале од мајчиното млеко. Затоа, од големо значење е бремените жени навреме да знаат дали го носат фаталниот вирус, односно да се тестираат и да примат соодветна терапија. Во акцијата за зголемување на помошта за децата болни од сида се вклучи и Германија која обезбеди 11 милиони евра за болните од Африка, а над 700.000 Германци со својот потпис побараа поголема заштита од сида и помош за заразените деца.

„Сидата стана семејна болест во Африка. Во земјите со голем процент на болни сепак постигнавме 60 отсто од бремените жени да се тестираат што претставува голем успех,“ вели Дејвид Алнвик, раководител на Програмата за борба против сида на УНИЦЕФ за Источна и Јужна Африка. Позитивен напредок има и кај достапноста на лековите.
Esther Babalola HIV/AIDS in Sagamu, Nigeria, Medikamente
Цените на лековите се намалениФотографија: AP
Во послeдниве три години драстично се намалени цените за медикаментите наменети за децата и изнесуваат 10 центи дневно. „Практично за првпат сега има и лекови против сидата дозирани за децата. Порано имаше само дози за возрасни па на децата им се даваа според проценка на лекарот,“ вели Линзенхоф.

Болеста се шири и во развиените земји

Иако најмногу инфицирани од ХИВ и заболени од сида има во Африка, Азија и Јужна Америка, оваа болест не ја заобиколи ниту Германија. Само во последнава година бројот на инфицирани лица е зголемен и достигна 90 000.

„Патот до болеста е ист како и во Африка, така што и тука дел од новоинфицираните се новороденчиња,“ вели Дијана Голце, претседател на Комисијата за деца на германскиот Бундестаг. Таа е загрижена од односот на младата генерација која смета дека сидата е нешто далечно за нив, како и болест која може да се лекува.

„Токму затоа сметам дека во Германија треба да се засили превенцијата особено кај младите луѓе,” вели Голце.