1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недоверба и предрасуди

Матијас Белингер1 декември 2008

Вирусот ХИВ во Кина се шири со огромна брзина. Владата соопштува дека бројот на инфицирани изнесува околу еден милион луѓе, но некои организации зборуваат за многу повисоки бројки.

https://p.dw.com/p/G5wm
Фотографија: AP

Откако во 90-тите години болеста се етаблираше пред се‘ во селските региони на земјата, поради тоа што најчесто се пренесуваше преку илегална трговија со крв, сега, веќе извесен период, целни групи се класичните: зависници од дрога, проститутки, хомосексуалци. Државата често реагира беспомошно, но дел од погодените самите преземаат иницијатива како на пример група хомосексуалци што живеат во град близу Пекинг.

Вечер на „хуодонг“

Еден транвестит, во мал бар на хомосексуалци, сокриен во еден двор во Тианџин, пее традиционални песни и поп-балади од Хонгконг. И покрај тоа што е недела навечер, барот е пополнет до последното место, зашто денеска има „хуодонг“, односно во превод - акција. Групата Шенлан приредува вечер на која се зборува на тема - безбеден секс. Шенлан, во превод значи темно сино. Основачот се претставува со својот прекар - Гага и вели: „Јас и еден мој пријател почнавме овде, во 2004 година. Немавме средства, се‘ моравме да сносиме сами - и трошоците за пат, и закупот на просторот каде што се одржува собирот и.т.н.“ Гага тврди дека било многу тешко и дека властите немале разбирање за тоа што го правела групата. „Некои медиуми известуваа многу негативно за нас, а ниту хомосексуалната заедница немаше секогаш разбирање за нас.“

Во помал град е полошо

Гага е од Тианџин, оддалечен од Пекинг околу 100 километри. Во текот на неговото работење во Пекинг, пред неколку години, запознал активисти за борба против сидата и почнал да се ангажира. Потоа се вратил за да ја негува болната мајка и сфатил дека во неговиот роден град одвај дека некој знае како да се заштити од болеста: „Според министерството за здравство, бројот на мажи кои се заразиле со вирусот ХИВ преку секс со мажи, изминатата година во Кина се зголемил за 12%. Но, властите овде во Тианџин, сметаат дека тој процент во градот изнесува 55.“

Welt Aids Tag China
Болеста прво се ширеше во селските региони, а сега најпогодени се „класичните групи“: хомосексуалци, зависници од дрога...Фотографија: AP

Првичната недоверба веќе ја нема

Во меѓувреме, на бината доаѓа член на групата и ги објаснува најважните правила за безбеден секс. Демонстрира и како се употребуваат кондомите.

Во групата Шенлан се ангажираат 50 доброволци. На местата каде што се среќаваат хомосексулците, како барови, паркови, тоалети или бањи, доброволците делат кондоми и брошури за информирање, а за вирусот ХИВ и сидата и разговараат со мажите кои ги среќаваат таму. На почетокот, како што раскажува еден доброволец кој редовно посетува бањи, одвај дека некој земал од кондомите: „Во меѓувреме, сме пречекувани многу срдечно. Луѓето доаѓаат и веднаш бараат кондоми. Ако некогаш немам време да отидам, некои дури и ми се јавуваат и прашуваат дали може да земат кондом.“

Властите се‘ уште реагираат претпазливо

На невладините организации во Кина не се гледа со многу наклонетост, а кога станува збор за темата сида, властите делуваат повеќе од беспомошно: „Минатата година имавме акција во еден бар за хомосексуалци. Закачивме натпис дека сакаме да разговараме за безбеден секс. Потоа се вклучи полицијата и ни‘ забрани да го закачуваме натписот.“

AIDS Patienten in Peking
Инфицираните со ХИВ би требало да имаат бесплатно лекувањеФотографија: AP

Сепак, дел од почетниот страв полека исчезнува. Минатата година, групата првпат соработувала со „Контролниот центар за епидемии“ на државните здравствени власти. Тие заедно, во еден бар, понудиле тестови за сида, кои биле бесплатни. Резултатот бил застрашувачки: од речиси сто учесници на тестовите, 12-мина дознале дека се инфицирани со вирусот ХИВ. „Кај нас, понекогаш, се појавуваат инфицирани кои едноставно ме расплакуваат. Минатата година дојде еден човек среде разговор што го водев со друго лице. Кај него болеста веќе се појавила, но не можел да добие лекарства. Доаѓаше секој ден и прашуваше за лекови, но јас, лекови немам“, раскажува Гага.

Законот е закон, праксата е пракса

Инфицираните со ХИВ, согласно законот, во Кина имаат право да бидат лекувани бесплатно. Но, во реалноста, властите многу различно го толкуваат и спроведуваат ова правило. Во Тианџин, здравствените власти бараат од инфицираните со вирусот ХИВ да докажат дека имаат потреба од лекување. Кој тоа не може да го докаже, по извесно време очаен ќе стигне пред вратите на канцеларијата на Групата Шенлан. Тогаш луѓето од групата им советуваат да заминат за Пекинг, таму да се прегледаат и да се лекуваат. Таму властите се помалку рестриктивни.