1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ван Ромпој ја растера маглата

20 октомври 2010

Претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпој при посетата на Скопје и средбите со премиерот Никола Груевски и претседателот Ѓорге Иванов ги пофали реформите, но побара побрзо решавање на спорот со името.

https://p.dw.com/p/PiT4
Херман Ван Ромпој со јасни поракиФотографија: Fatos Musliu

Решавање на спорот со името, па преговори со Унијата: Ван Ромпој е последниот политичар од Брисел кој во Скопје ги пресретна збунувачките промени во преговарачкиот курс на државниот врв, од прием во ЕУ и НАТО со референцата ПЈРМ, до хрватскиот модел што претпоставува паралелни преговори со Унијата и решавање на билатералниот спор со Грција.

„ЕУ не е дел од преговарачкиот процес, но очекува што побрзо решавање на спорот, за што верувам дека постојат можности, па потоа отворање на европските порти. Таа шанса не треба да се испушти“, кажа гостинот од Брисел. Претседателот на Европскиот совет во Скопје изјави дека Балканот е негов приоритет, зашто неговата интеграција ќе значи и стабилизација на регионот. Соговорниците се согласиле дека преговорите за името се водат во Њујорк, отфрлајќи ги сугестиите на странски експерти, но и изјавите на домашни политичари дека е неопходно подиректно инволвирање на САД и ЕУ во медијаторството меѓу Атина и Скопје.

Der mazedonische Regierungschef Nikola Gruevski und der EU Ratspräsident Hermann Van Rompuy in Skopje
Фотографија: Fatos Musliu

„Евроинтеграцијата истовремено ќе значи и најсилен кохезивен фактор во македонското мултиетничко општество, а почетокот на преговорите ќе значи понатамашно динамизирање на реформите во земјата. Македонското членство во Унијата ќе придонесе и за вкупна стабилизација на Балканот, затоа и владата посветува големо внимание на соседската соработка“, изјави премиерот Никола Груевски, на прес-конференцијата.

Никој не сака да разговара со губитници

Последните изјави на државниот врв што значат радикални и ад хок промени во преговарачката стратегија, како враќањето на ПЈРМ како референца за влез во НАТО, во диполматијата се прима со недоверба, вели Стојан Андов од опозицискиот табор.

„Иванов, Груевски, Милошоски, сите еднакво сакаат да докажат дека Грција ни е виновна за блокадите, а ние сме онеправдани. Во меѓународните односи и релации ако постојано се прикажуваш како губитник, никој со вас не сака сериозно да преговара.“

Универзитетскиот професор Мирјана Малеска се сомнева дека во Њујорк воопшто има материјални преговори, за што знак е тактизирањето на посредникот Метју Нимиц јавно да ги тестира Атина и Скопје со некој од неговите модифицирани идеи и предлози. За Дојче веле таа оценува:

„Мислам дека и по цена да заминат од власта, да изгубат избори, да бидат опозиција, тоа порадо го избираат отколку да покажат подготвеност за компромис во спорот околу името.“

Професор Малеска вели дека преговорите во Њујорк нема да се поместат од мртва точка ако македонската влада не покаже поголема иницијативност и инвенција за реализација на членство во евроатлантските организации од веќе стандардната позиција да се сочува јазикот и идентитетот, што пак не се дел од преговарачкиот процес.

Дел од консултираните експерти деновиве ни посочуваат дека владата на Груевски сите надежи сега ги црпи од еветуално позитивниот исход за неа пред Меѓународниот суд на правда, каде Македонија ја тужи Грција за прекршување на Времената спогодба и блокадите во меѓународните организации.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска