1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови средби - стари пораки до Македонија

16 септември 2010

Во Брисел престојува македонска државна делегација предводена од премиерот Никола Груевски. На средбите со европратеници се разговарало за спорот за името со Грција.

https://p.dw.com/p/PDk0

Македонскиот премиер Никола Груевски и неговиот тим одговорен за надворешна политика утрово остварија средби со неколкумина европски пратеници. При тоа го повториле ставот, доколку дојде до евентуално решение за името да се одржи референдум во Македонија.

Nikola Gruevski Präsident Mazedoniens
Премиерот Никола ГруевскиФотографија: DW/Musliu

Иво Вајгл, европратеник од Словенија, вели дека тој лично не поддржува референдум, но доколку е тоа неопходно, треба да се спроведе со претходен национален консензус за прашањето: „Јас го почитувам договорот на грчката и македонската страна да не зборуваат јавно за ова. Ваквото прашање може да се реши само со национален консензус, ова не може да биде партиско прашање, треба да се реши проблемот. Ова е повик и до опозицијата и до владата дека влезот во ЕУ и НАТО се многу поважни од надмудрувањата околу тоа, што е прифатливо, а што не е.“

Британецот Чарлс Танок од своја страна смета дека рефернедумот за името е прифатлива идеја, а Македонија мора да разбере дека стартот на преговори може да се случи само доколку се реши името: „Не верувам дека може да се добијат преговори без да се реши името, дури и сите земји членки на ЕУ да ја поддржуваат Македонија, Грција има право на вето и се’ додека грчката влада не се согласи ние сме во ќорсокак, тоа е тажно. Јас секогаш ќе лобирам за разумно решение и ќе ги убедувам моите грчки колеги дека и тие треба да бидат флексибилни.“

Vasko Naumovski Mazedonien
Министерот за евроинтеграции Васко НаумовскиФотографија: AP

Вицепремиерот за европски прашања, Васко Наумовски, по средбата порача дека владата работи на изнаоѓање решение за долгогодишниот спор. „Разменивме мислења за отворени прашања, вклучително и ова прашање, кое ни е наметнато од држава членка на ЕУ. Ги слушнавме нивните мислења и сметаме дека Република Македонија и Република Грција доколку пристапат на ова прашање искрено, може да се најде решение.“

Попладнево премиерот Груевски заминува на средба со еврокомесарот Штефан Филе каде најверојатно ќе ги пренесе истите пораки, дека владата сака старт на преговори со Унијата, но оти одлуката за компромис со Грција е многу тешка. Дали Груевски ќе бара европска поддршка за ваквата одлука, или пак владата уште се надева, дека ќе успее да го убеди Брисел да даде зелено светло за преговорите со ЕУ без конечен компромис, никој не открива.

Во секој случај, од денешната средба со европратениците може да се заклучи дека и од опозицијата и од владата ќе се бара да одиграат конструктивна улога во целиот процес на приближување кон ЕУ и НАТО и решавање на спорот за името. Иако и грчката и македонската страна негираат можност за уште една билатерална средба, сега кога двајцата премиери се повторно во Брисел, сепак се’ уште се шпекулира дека таа не е целосно исклучена.

Автор: Тања Милвеска

Редактор: Александра Трајковска