1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш во Европа

Елизабета Милошевска Фиданоска10 јуни 2008

Американскиот претседател, Џорџ Буш, тврди дека во Европа нема антиамериканизам. Тој во Словенија се среќава со политичкиот врв на ЕУ. На самитот ќе се зборува за Блискиот исток, Иран, Балканот и трговски прашања.

https://p.dw.com/p/EGhM
Џорџ Буш и Земјината топка - американскиот претседател не сака обврски за заштита на климатаФотографија: AP Graphics

Џорџ Буш, пристигна во најверојатно последна посета на Европа како американски претседател. Негови станици се Германија, Велика Британија, Италија, Ватикан, Франција и Словенија. Денес (10.06.2008) во Брдо се одржува самитот ЕУ-САД, од кого и не се очекува којзнае колку многу. По централните прашања не се очекува пробив - стави јасно до знаење советникот на Буш за национална безбедност, Стивен Хедли пред заминувањето на американскиот претседател за Европа. Колку се мали очекувањата на американска страна, покажуваат изјавите од американската делегација, каде се надеваат дека ќе биде единствено надминат конфликтот со Европејците околу забраната на ЕУ за увоз на пилешко од САД.

Најмногу несогласувања околу Ирак и климата

Темите каде разликите меѓу Вашингтон и Брисел се најголеми, се пред се‘ политиката кон Ирак и заштитата на климата. Освен тоа, во Европа се реагира со негодување на најавата на американската влада од наредната година Европејците кои сакаат да патуваат во САД да мора да пополнат онлајн формулар со кој ќе се регистрираат кај американските власти, најдоцна три дена пред да пристигнат во САД. Освен тоа, американските граѓани во ЕУ можат да влезат без виза, додека граѓаните на десетте нови членки на унијата и натаму мора да вадат визи за влез во САД. Потпретседателот на Европската комисија, Гинтер Ферхојген, нагласува: „Политички погледнато, несфатливо е, кога ние Европејците сме обединети со Шенгенскиот систем, да бидеме различно третирани при влез во нашиот најважен партнер. Затоа ќе го потсетиме американскиот претседател на неговото дадено ветување за укинување на визите.“

На американскиот претседател, веројатно му е јасно дека на многу Европејци им е доста од него, но не верува дека во Европа владее антиамериканизам. Во интервју за словенечката телевизија Поп ТВ, тој изјави: „Многу луѓе ја сакаат Америка. Тие понекогаш можеби не ги сакаат претседателите, но ја сакаат Америка, го сакаат она за што се залага Америка.“

Посетата на американскиот претседател во Словенија е проследена со незапаметени мерки на безбедност.