Брисел ги повика Македонија и Грција да го решат спорот
19 октомври 2009Барозо денеска (19.10.2009), на прес конференција во Брисел рече дека минатонеделната препорака за старт на преговори со Македонија е признание за сработените реформи во Македонија, но истовремено и охрабрување да се реши проблемот со името.
„Ние јасно кажавме колку се важни добрососедските односи. Спорот за името е дел од тоа. Тоа ќе ја зголеми меѓусебната доверба и ќе ни‘ ја олесни работата во ЕУ. Брисел ги повикува двете инволвирани страни во спорот да го решат проблемот во духот на европската солидарност“, изјави Барозо.
Брисел и Стразбур ќе соработуваат потесно
Инаку, на прес-конференцијата со новиот генерален секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд, беше потврдено дека Европската комисија во нејзиниот нареден мандат ќе воспостави нов портфељ посветен на човековите права и правдата. Брисел и Стразбур ја покажаа својата волја во иднина потесно да соработуваат. Интеграцијата на земјите членки на ЕУ и заштитата на човековите права се неразделни процеси кои мораат да одат рака под рака, нагласија Барозо и Јагланд.
Автор: Тања Милевска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска